Великиот канон на св. Андреј Критски: Вторник

"Великиот канон на св. Андреј Критски: Вторник"

Го пееме продолжението од канонот на свети Андреј Критски. Глас 6.

ПЕСНА 1

Ирмос (по двапати): Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.

[2Мојс. 15, 1-2]

Припев: Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Каиновото убиство го надминав и своеволно станав убиец на совеста душевна, откако телото го оживеав и против него војував со моите зли дела.

[1Мојс. 4,8: И му рече Каин на својот брат Авела: „Да појдеме в поле!” А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби.]

На правдата Авелова, Исусе, не се уподобив, Тебе пријатен дар никогаш не Ти принесов: ни дела божествени, ниту жртва чиста, ниту живот непорочен.

[1Мојс. 4,4: А и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови.]

Како Каин и ние, бедна душо, на Создателот на се Му принесовме дела нечисти, и жртва порочна, и живот неполезен: затоа и се осудивме.

[1Мојс. 4,3-5: По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови; а на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо. Затоа Каин се огорчи многу, и лицето му потемне.]

Кога калта ја оживеа, Создателу, Ти си ми дал тело и коски, и дишење и живот: но, о Творецу мој, Избавителу мој и Судијо, мене кој се каам, прими ме.

[1Мојс. 2,7: А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.]

Ти ги исповедам, Спасителу, гревовите што ги направив, и раните на мојата душа и тело, што ми ги нанесоа убиствените и разбојнички помисли.

[Лк. 10,30: Исус му одговори и рече: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов.]

Иако згрешив, Спасителу, знам дека си Човекољубец и дека милостиво казнуваш, и топло милуваш; оној што солзи рони го гледаш, и како таткото притрчуваш, заблудениот (син) да го примиш.

[Лк. 15,20: Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.]

Слава: троичен: Надсуштествена Троице, почитувана во Единица, тешкото бреме гревовно земи го од мене и, како Милосрдна, дај ми солзи на покајание.

Богородичен: Богородице, на оние што ти пеат, надеж и застапнице! Тешкото бреме гревовно земи го од мене и, како чиста Владичица, мене кој се каам, прими ме.

ПЕСНА 2

Ирмос: Чуј ме, небо, и ќе прозборам и Христа ќе Го воспеам, Кој во тело дојде од Дева.

Гревот, кој од боготкаената облека ме лиши, кожна риза ми соши.

Обложен сум со облека срамна, како со лисја смоквини, заради осуда на моите страсти доброволни.

[1Мојс. 3,7: Тогаш им се отворија очите на обајцата, и увидоа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала.]

Се облеков во риза срамна и гнасно окрвавена, со течењето на страсниот и сластољубив живот.

Во гибел страсна и гнилеж вештествена паднав и оттогаш па до сега, ѓаволот ме исмејува.

Во животот повеќе го ценев богатството и телесните наслади, отколку сиромаштвото, Спасителу, затоа сега сум обложен со тешко бреме.

Својот телесен кип го украсив со разни накити од нечисти мисли и со тоа се осудувам.

Ревносно се погрижив само за надворешното украсување, откако ја презрев внатрешната боголика скинија.

Со страсти ја погребав првата убавина на ликот, Спасителу, но Ти, побарај ја и најди ја, како некогаш драхмата (загубена).

[Лк. 15,8: Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде?]

Како блудницата Ти повикувам: Згрешив, Спасителу, Тебе единствено Ти згрешив, прими ги и моите солзи како мирото.

[Лк. 7,37-38: И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро; па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.]

Како митарот Ти повикувам: Очисти ме, Спасителу, очисти ме, зашто никој од синовите Адамови не Ти згрешил како мене.

[Лк. 18,13: А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: »Боже, биди милостив спрема мене грешниот!«]

Слава: троичен: Го воспевам единствениот Бог на сите во три лица: Отецот и Синот и Светиот Дух.

Богородичен: Пречиста Богородице Дево, единствена сепеана, прилежно моли се, да се спасиме.

ПЕСНА 3

Ирмос: Господи, утврди го моето расколебано срце врз каменот од Твоите заповеди, зашто си единствен свет и Господ.

Мојот извор на живот е во Тебе – Победителот на смртта: затоа, пред крајот, од се срце Ти викам: Згрешив, очисти ме и спаси ме.

Згрешив, Господи, Тебе Ти згрешив, очисти ме, оти меѓу луѓето нема грешник кого не сум го надминал со моите гревови.

Сакав да ги подражавам, Господи, оние што блудствуваа за времето на Ноја, но ја наследив и нивната осуда – уништување во потопот.

[1Мојс. 6,1-17: А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите Божји, гледајќи ги ќерките човечки дека се убави, ги земаа, кои што ги сакаа, за жени. И рече Господ Бог: „Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело; ете деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години.” А имаше во тоа време џинови на земјата, особоно, пак, кога синовите Божји почнаа да влегуваа при ќерките човечки и тие почнаа да им раѓаат; тоа се силните луѓе, прочуени од старото време. И виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на замјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време. И се покаја Бог што го беше создал човекот на земјата, па се огорчи во срцето Свое. И рече Господ: „Ќе ги истребам луѓето што сум ги создал, од земјата – од човекот до животното, ѕверовите и птиците небески – оти се кајам што ги создадов.” Но Ное најде милост пред очите на Господа Бога. Еве го животот на Ноја: Ное беше човек праведен и непорочен во својот род; Ное живееше секогаш според волјата Божја. И му се родија на Ное три сина: Сим, Хам и Јафет. А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда. И погледна Господ Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секоја плот беше се отклонила од својот пат на земјата. И му рече Господ Бог на Ноја: „Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив; и, еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата. Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер, и направи прегради во ковчегот; потоа намачкај го со смола одвнатре и однадвор. А изгради го вака: должината на ковчегот да биде триста лакти, ширината негова педесет лакти, а во висина да е триесет лакти. Направи и прозорец на ковчегот, и засводи го на еден лакот одозгора; стави му и врата на ковчегот отстрана и нека има три ката во него: долен, среден и горен. Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да ја истребам под небото секоја плот, во која има дух животен, сè, што е на земјата, ќе изгине.]

Душо моја, ти го подражаваше примерот на Хам кој не покажа почит кон својот татко (Ное), кога не го покри неговиот срам, повлекувајќи се и наназад гледајќи.

[1Мојс. 9,22-23: А Хам, таткото на Хананејците, ја виде голотијата на таткото свој, и излезе, та им го кажа тоа на обајцата браќа свои. Но Сим и Јафет зедоа облека, и, наметнуваќи ја на рамената свои, појдоа назадешкум и ја покрија со неа голотијата на таткото свој; лицата им беа свртени наназад, и тие не ја видоа голотијата на таткото свој.]

Душо моја, бегај од гревот како Лот од огнот, бегај од Содом и Гомор, бегај од пламенот на секаква безумна желба.

[1Мојс. 19,15-17: А кога зората зазори, навалија ангелите на Лота да побрза и му рекоа: „Стани, земи ја жената своја, и двете ќерки твои, кои се тука, за да не загинеш поради беззаконието на овој град!” Но тој се двоумеше. Затоа ангелите го фатија за рака него, жената негова, и двете ќерки негови, оти Му беше жал на Господа, и ги изведоа, па ги оставија надвор од градот. А кога ги изведоа надвор од градот, еден од нив рече: „Спасувај се и спаси ја душата своја; и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа околина! Бегај на оној рид, за да не загинеш.”]

Помилуј ме, Господи, Ти викам: Помилуј ме, кога ќе дојдеш со Твоите ангели да им дадеш на сите според нивните дела.

Слава: троичен: Троице проста, несоздадена, беспочетно естество, во три ипостаси пеана: спаси не нас, кои со вера на Твојата моќ и се поклонуваме.

Богородичен. Безвремениот Син на Отецот, во времето без маж си Го родила, Богородице! Необично чудо – доејќи, остануваш Дева.

ПЕСНА 4

Ирмос: Пророкот го слушна доаѓањето Твое, Господи, и се исплаши, дека сакаш од Дева да се родиш и на луѓето да им се покажеш, и говореше: го слушнав гласот Твој и се исплашив: слава и на силата Твоја, Господи.

Биди будна, душо моја, и бори се како некогаш големиот патријарх (Јаков), да стекнеш дела со разум, да бидеш ум што Го гледа Бога, да го достигнеш незаодниот самрак на божественото созерцание и да бидеш негов голем корисник.

[1Мојс. 32,28: Тогаш му рече: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш.”]

Кога големиот патријарх (Јаков) ги роди дванаесетте патријарси, таинствено направи скала, душо моја, за твоето делотворно искачување, премудро поставувајќи ги децата за темели и скалила за искачувањето.

Исав омразениот си го подражавала, душо, на твојот измамник си му го отстапила првенството на првата доброта, и од татковскиот благослов си се лишила и двапати си се лизнала, бедна: со дело и со разум; затоа сега покај се.

[1Мојс. 25,32; 27,37; Мал. 1,2-3: А Исав одговори: „Еве, сакам да умрам, па што ќе ми е првородството?”; И Исак одговори и му рече на Исава: „Него веќе го поставив за господар над тебе; и сите браќа негови ги определив да му бидат слуги; со жито и вино го обдарив; а што да направам сега, синко, со тебе?”; Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: „Во што си покажал милост кон нас?” Зар Исав не е брат на Јакова, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јакова, а Исава го замразив и ги предадов планините негови, за да се запустат, и пределите негови – на шакалите пустински.]

Исав се нарече Едом, поради неговата крајно женопохотлива природа, бидејќи постојано беше распалуван од невоздржување и од страсти осквернуван. Тој беше именуван Едом, што значи разгорување на душа гревољубива.

[1Мојс. 25,30: И му рече Исав на Јакова: „Дај ми да јадам од тоа црвеникаво, зошто сум уморен.” Оттаму се нарече Едом.]

Кога си слушнала, душо моја, дека Јов се оправдал на ѓубриште, примерот на неговата храброст не си го следела, иако од оние што ги знаеш и што си ги искусила, поцврст пример од неговиот не си имала, сепак си се покажала нетрпелива.

[Јов 1: Имаше еден човек во земјата Уз, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото. И му се родија седум синови и три ќерки. Имотот му беше: седум илјади овци, три илјади камили, петстотини рала волови, петсоттини ослици и мошне многу слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите синови на Исток. Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив. Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги советуваше, и станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици по бројот на сите нив и едно теле за грев на душите нивни. Зашто Јов велеше: можеби синовите мои згрешиле и го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови. Еден ден дојдоа синовите Божји за да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната. И му рече Господ на сатаната: „Од каде дојде?” А сатаната му одговори на Господа и рече: „Одев по земјата и ја обиколив.” И Господ му рече на сатаната: „Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Оти на земајта нема таков како него: човек непорочен, праведен, боговојазлив и кој го одбегнува злото.” Му одговори сатаната на Господа и рече: „Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сè што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сè што е негово, ќе Те благослови ли тогаш.” И му рече Господ на сатаната: „Еве, сè што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака? – И си отиде сатаната од лицето Господово. Еден ден синовите и ќерките на Јова јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот брат свој. И ете, доаѓа известувач при Јова и вели: „Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив, кога Савејците нападнаа и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.” Додека уште говореше, дојде друг и вели: „Оган Божји од небото падна, ги изгоре овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.” Додека тој говореше, дојде трет па вели: <Халдејците, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.” И додека тој уште говореше, се појави друг и рече: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја во куќата на првородениот брат свој; ете, дувна силен ветар откај пустињата и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам.” Тогаш Јов стана, ја раскина горната облека, ја острига главата своја и падна на земја, па се поклони и рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ го зеде; како што му беше угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено името Господово!” Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога.]

Оној што отпрвин на престол седеше, сега гол и гнојосан на ѓубриште лежи; порано многудетен и славен, сега ненадејно бездетен и бездомен; палатата беше заменета со буниште, а бисерите со красти.

[Јов 2,11-13: Слушнаат тројцата пријатели Јовови за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Темна и Вилдад од Сува и Софар од Нам; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат. И кога кренаа очите од далеку, тие не го познаа; па викаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои. И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа оти страдањето му беше многу големо.]

Слава: троичен: Неразделно по суштина, неслеано по лица, Те богословам, Троично Божество и единствено, како едноцарствено и сопрестолно, Ти пеам песна голема, во висините тројно славена.

[Ис. 6,1-3]

Богородичен: И раѓаш и девствуваш, и во двете по природа остануваш Дева. Оној што се роди, законите на природата ги обновува, зашто раѓа утроба, како да не раѓа. Каде што сака Бог, го победува природниот поредок, оти се што сака Он тоа и го прави.

ПЕСНА 5

Ирмос: Мене, кој од ноќта поранувам, просвети ме Човекољупче, и се молам: Упати ме на заповедите Твои и научи ме, Спасителу, да ја творам волјата Твоја.

[Пс. 62,2; Пс. 118,35]

Си слушнала за кошничето Мојсеево, душо, носено од водите и брановите речни, како во царска палата, кој бегаше од лошата намера на фараонот што сакаше да го убие.

[2Мојс. 2,3: Но, кога не можеше повеќе да го крие, мајката зеде кошниче од трски; го облепи со смола и катран; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката.]

Иако на бабиците им беше заповедено да ги убиваат машките (еврејски) деца, тие го послушаа советот на мудроста, бедна душо, и тоа не го правеа: сега и ти, како големиот Мојсеј, цицај (млеко) од Премудроста.

[2Мојс. 1,8-22: Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосифа, и му рече на народот свој: “Еве, народот на синовите Израилеви е многуброен и посилен од нас. Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да не си отидат од земјата наша.” И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со работа. Така му ги изградија на Фараонот утврдените градови Питом и Рамзес и Он, наречен сега Илиопол. Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа, и се засилуваа многу, така што се плашеа Египтјаните од синовите Израилеви. Затоа Египтјаните ги гонеа синивите Израилеви со жестокост, и им го загорчуваа животот со тешки работи, со кал и правење тули, и со секаква работа во полињата, и со сите други работи, ги измачуваа немилосрдно. Освен тоа, царот египетски им се обрати на бабиците еврејски, од кои на едната и’ беше името Сепфора, а на другата Фуа; и им рече: “Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, запазете го!” Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда царот египетски, туку ги оставаа децата од машки пол. А царот египетски ги повика бабиците и им рече: “Зошто правите така и ги оставата машките деца во живот?” А бабиците му одговорија на Фараонот: “Еврејките не се како жените египетски: зашто пред да дојде бабицата, тие веќе родиле.” Бог, пак, им превеше на бабиците добро; а народот се множеше и многу се засилуваше. И бидејќи бабиците се плашеа од Бога, Бог им правеше добро за да преуспеваат во животот. Тогаш му заповеда Фараонот на целиот народ свој, велејќи: “Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлете го в река: само женските деца оставајте ги во живот.”]

Како што големиот Мојсеј го уби Египќанецот, така и ти, бедна душо, си го ранила умот, но не си го убила: како тогаш ќе се вселиш во пустината на страстите, со покајание, кажи ми!?

[2Мојс. 2,11-12: По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта.]

Големиот Мојсеј се насели во пустината; затоа оди и ти, душо, и неговиот живот подражавај го, та и ти да го созерцаваш јавувањето на Бога во капината.

[2Мојс. 3,2-3: И му се јави Ангел Господеов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува. И Мојсеј рече: “Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува.”]

Размислувај, душо, за жезолот Мојсеев, кој го удира морето и го згуснува дното, како праобраз на божествениот крст, со кој можеш и ти да правиш големи работи.

[2Мојс. 14,21-22: И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбрануваше морето со јужен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во мерето суво и водата се раздели. И појдоа синовите Израилеви среде море по суво, и водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.]

Арон Му принесуваше на Бога оган чист и непорочен; но Офниј и Финес, како и ти душо, му принесуваа живот нечист и необичен.

[1Цар. 2,12-13: А синовите на Илија беа лоши луѓе; тие не Го познаваа Господа и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со виљушката во раката, додека се вареше месото.]

Слава: троичен: Тебе, Троице, Те славиме, единствениот Бог: Свет, Свет, Свет си Оче, Сине, и Духу: просто суштество, Единице секогаш славена.

И сега: Богородичен: Од тебе – нетлена, безмажна, Мајко Дево, Бог Кој ги создаде вековите, го прими нашето тело и со Себе ја соедини човечката природа.

ПЕСНА 6

Ирмос: Повикав од се срце кон Штедриот Бог, и ме слушна од најдолниот ад и го изведе од гибел животот мој.

Брановите од моите гревови ненадејно ме потопија, Спасителу, како некогаш Црвеното Море Египќаните.

[2Мојс. 14,26-28; 15,4-5: Тогаш му рече Господ на Мојсеја: “Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египтјаните, и да ги покрие колите нивни и коњаниците нивни.” И Мојсеј ја испружи раката своја врз морето, и пред зори пак се поврати со својата сила, а Египтјаните тргнаа да бегаат кон морето; и Господ ги фрли Египтјаните среде море. А кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска Фараонова, се што беше тргнало кон нив, и не остана ниеден од нив; Колите Фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море. Бездните ги покрија; тие потонаа во длабочините како камен.]

Си направила неразумен избор, душо моја, како некогаш Израил: наместо божествената мана, безумно го избра сластољубивото прејадување со страстите.

[4Мојс. 21,5: И возроптаа луѓето против Бога и против Мојсеја: “Зошто ни изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?”]

Душо, си ги претпочитала кладенците на хананејските мисли, одошто изворот од каменот, од кого, како од чаша, се излева река на премудроста и на богопознанието.

[1Мојс. 21,25; 2Мојс. 17,6: Тогаш Авраам го прекори Авимелеха за изворите водни што ги зедоа слугите Авимелехови; А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорив пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие.” И направи Мојсеј така пред синовите Израилеви.]

Свинско месо и казани, и египетска храна си претпочитала, душо моја, повеќе одошто небесната (храна), како некогаш неразумните луѓе во пустината.

[2Мојс. 16,3: И им рекоа синовите Израилеви: “О, да бевме умреле од раката Господова во земјата Египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нè изведовте овде во оваа пустиња, за да го умрете целово ова множество со глад.”]

Кога Твојот слуга Мојсеј со жезолот го удри каменот, ги прасликуваше Твоите живоносни ребра, Спасителу, од кои сите ние црпеме вода на животот.

Испитај, душо, и разгледај, како Исус Навин земјата ветена, каква е, и всели се во неа, пазејќи ги законите.

Слава: троичен: Троица сум проста, нераздела, а по лица разделна; и Единица сум, по природа соединета, вели Отецот и Синот и Светиот Дух.

Богородичен: Утробата твоја Бога ни Го роди, според наш образ: Него, како Создател на сите, моли Го, Богородице, по твоите молитви да се оправдаме.

Кондак: Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш, крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и се исполнува.

ПЕСНА 7

Ирмос: Згрешивме, против законите живеевме, неправедни бевме пред Тебе. Ниту запазивме, ниту извршивме како што си ни заповедал. Но не отфрлај не до крај, Боже на татковците.

[Дан. 9,5-6]

Кога Ковчегот (на заветот) беше носен на кола, некој си Зан се допре до него, кога воловите скршнаа; но поради тоа го искуси гневот Божји. Немој да ја подражаваш смелоста негова, душо, туку чесно почитувај ги божествените нешта.

[2Цар. 6,6-7: И кога дојдоа до Нахаровото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег за да го придржи, и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале. Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го порази на истото место, и тој умре таму при Божјиот ковчег.]

Си слушала за Авесалом и за неговиот бунт против природата; знаеш за неговите скверни дела, со кои ја оскверни постелата на татка си Давида! Но ти, душо, сепак си ги подражавала неговите страсни и сластољубиви желби.

[2Цар. 15,1-37; 16,21: Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци. Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот при портите и, кога некој имаше поплака и одеше при царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: „Од кој град си?” И кога оној одговараше: »од тоа и тоа Израилево племе е твојот слуга«, тогаш Авесалом му велеше: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но при царот нема кој да те ислуша.” И Авесалом уште велеше: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! При мене би доаѓал секој, кој има расправија и поплака, и јас би судел по правда.” И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше. Така постапуваше Авесалом со секој Израилец, кој доаѓаше при царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израилците. Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давида, Авесалом му рече на царот: „Да одам и да го исполнам мојот завет, што му го бав дал на Господа во Хеврон. Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Сирија, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим, дека ќе му принесам жртва на Господа.” А царот му рече: „Оди со мир.” И тој стана и отиде во Хеврон. А Авесалом распрати разузнавачи меѓу сите Израилеви колена, велејќи: „Коа ќе чуете звук од труба, велете: »Авесалом стана цар во Хеврон.«“ Од Ерусалим отидоа со Авесалома двесте души, што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, баз да знаат, каква е работата. Во времето принесување жртви, Авесалом испрати, та го повика гилонецот Ахитофела, Давидов советник, од неговиот град Гилон. И почна буна голема, и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалома. И дојде разузнавач при Давида и рече: „Срцето на Израилците се сврти кон Авесалома.” Тогаш им рече Давид на сите свои слуги, што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас нема спас од Авесалома; брзајте да излеземе, да не нè затече и нè фати, да не ни навлече зло и да го истреби градот со меч.” Царските слуги му рекоа на царот: „Во сè што му е угодно на господарот наш, царот, ние сме твои слуги.” Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата. И излезе цаарот и сиот народ пешки, и се задржаа на едно подалечно место. И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Хелетејци, сите Фелетејци и сите Гетејци – до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот. И царот му рече на Гетеецот Етеја: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи си туѓ и си избегал од својата земја. Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти укаже милост и правда!” А Етеј му одговори на царот и рече: „Жив ми Господ, и да живее мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.” Тогаш Давид му рече на Етеја: „Дојди, пак, и оди со мене.” И Тргна Гетеецот Етеј и сите луѓе негови и сите деца што беа со него. И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустињата. Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет од Ветара, и го поставија Божјиот ковчег; Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот. И царот му рече на Садока: „Врати го Божјиот ковчег во градот и нека стои на местото свое. Ако најдам милост пред очите на Господа, Он ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште. Ако, пак, Он каже: »Немам кон тебе благонаклоност, тогаш ете ме; нека врши со мене, како што ќе Му биде угодно.” И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, – врати се во градот со мир зедно со сина си Ахимаса и со Авијатаровиот син Јонатана, двајцата ваши синови; гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустињата, додека ми стигне известување од вас. Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму. А Давид тргна кон Елеонската планина, врвеше и плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе, што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа. Му јавија на Давида и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалома.” И рече Давид: „Господи, Боже мој, оневозможи го советот на Ахитофела.” Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господа, ете во пресрет му доаѓа Хусиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав. И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар: но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалома: „Царе, браќата твои минаа, и царот татко ти мина, и сега јас сум твој слуга; остави ме жив, досега бев слуга на татко ти, а сега сум твој слуга”, ти ќе оневозможиш за мене советот на Ахитофела. Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор, што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садока и на Авијатара. Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимас, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест, што ќе ја чуете.” Така, Хусиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.]

Твоето слободно достоинство, на телото свое си му го покорила и, кога најде друг непријател – Ахитофел, душо, неговиот совет си го послушала. Но овие Самиот Христос ги уништи, за да бидеш ти сигурно спасена.

[2Цар. 16,20-21: И Авесалом му рече на Ахитофела: „Дајте совет, што да правиме.” Ахитофел му одговори на Авесалома: „Влези при наложниците на татко ти, што тој ги остави да го чуваат домот негов; и ќе чујат сите Израилци, дека си станал намразен за таткото, и ќе им се зацврстат рацете на сите, што се со тебе.”]

Чудесниот и со благодатта на Премудроста исполнет Соломон, кога еднаш пред Бога зло направил, од Него отстапил. А ти, душо, со твојот проклет живот, нему си се уподобила.

[3Цар. 3,12; 11,4-6: Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе; Кога Соломон остаре, неговите жени го приклонија срцето негово кон други богови, и срцето негово не беше наполно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида. И Соломон почна да ѝ служи на Астрата сидонската богинка, и на Милхом, амонитски гад. И Соломон го вршеше она, што беше неугодно пред очите на Господа, и не го следеше наполно Господа како татко му Давид.]

Љубителот на премудроста (Соломон), привлечен од сладоста на своите страсти, се оскверни и, за жал, стана љубител на блудни жени и од Бога се отуѓи. А ти, душо, него со умот си го подражавала, со желби сладострасни.

[3Цар. 11,6-8: Тогаш Соломон изгради многубожечко светилиште на Хамос, моавски гад, на гората, што е пред Ерусалим, и на Молох, амонитски гад. Така направи тој за сите свои жени туѓинки, кои кадеа и принесуваа жртви на своите богови.]

Ровоама си го подражавала, душо, кој татковиот совет не го послуша, како и поранешниот отпадник, лошиот слуга Јеровоам. Но од подражавањето бегај и кон Бога повикај: Згрешив, помилувај ме.

[3Цар. 12,13-14, 20: И царот грубо му одговори на народот и не го послуша советот, што му го беа дале старците. И говореше според советот на младите и рече: „Татко ми ви наложил тежок товар, јас, пак, ќе го зголемам вашиот товар; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со скорпии.” Кога сите Израилци слушнаа, дека Јеровоам се вратил од Египет, испратија и го повикаа во собранието и го зацарија над сите Израилци. Со Давидовиот дом не остана никој, освен племето Јудино и Венијаминово.]

Слава: троичен: Троице проста, неразделна, едносушна и естество едно: Светлини и Светлина; и Тројца Свети, и Едно Свето – се пее Бог Троица. Но, душо, запеј и прослави Го Животот и Животите, и Бога на сите.

Богородичен: Ти пееме, те благословуваме, ти се поклонуваме, Богородице, зашто си Го родила единствениот Христос Бог, Кој е неразделен од Троица, и самата си ни ги отворила небесата, нам кои сме на земјата.

ПЕСНА 8

Ирмос: Оној што небеските војски Го слават, и од кого треперат херувимите и серафимите, се што дише и секоја твар, пејте Му, благословувајте Го и превозносете Го во сите векови.

Следејќи го примерот на Озиј, душо, си ја заработила и неговата двојна лепра: бидејќи неумесно мислиш и противзаконски дела правиш; затоа остави се што имаш и започни да се каеш.

[4Цар. 15,5; 2Парал. 26,19: Господ го порази царот, и тој беше болен од лепра до денот на смртта своја и живееше во посебен дом. А царевиот син Јотам беше управник над дворот и му судеше на народот во земјата; Се налути Озија, – а во раката негова имаше кадилница за кадење, и кога се налути на свештениците, се појави лепра на челото негово, пред лицето на свештениците во домот Господов, при кадилниот жртвеник.]

Си слушала за Ниневјаните кои се каат пред Бога, во вреќи и пепел, душо, но нивниот пример не си го следела, туку си се покажала полоша од сите, коишто и пред законот, и по законот згрешиле.

[Јона 3,5: И поверуваа ниневијците во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо.]

Си слушала за (пророкот) Јеремиј, душо, кој во јама од кал градот Сион го оплакуваше и солзи бараше: неговиот живот плачовен подражавај го и ќе бидеш спасена.

[Јер. 38,6: Тогаш го фатија Јеремија и го фрлија во јамата на Мелхија, синот царев, кој беше во стражарницата, и го пуштија Јеремија со јаже; во јамата немаше вода, туку само тиња, и Јеремија падна во тињата.]

Кога го предвиде обраќањето на Ниневјаните, Јона во Тарс побегна, оти како пророк го разбра Божјото милосрдие: затоа се трудеше пророштвото да не се покаже лажно.

[Јона 1,3: А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јопа, каде што најде кораб што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да избега со него во Тарсис од лицето Господово.]

Си слушала, душо, за Даниил кој во јамата им ги затвори муцките на ѕверовите. Си дознала и за момчињата кои беа со Азариј, како со вера огнот во разгорената печка го изгаснаа.

[Дан. 14,31; 3,24: Тие го фрлија во лавовска јама, а тој остана таму шест дена; И одеа меѓу пламенот, славејќи Го Бога и благословувајќи Го Господа.]

Сите примери од Стариот Завет ти ги приведов, душо: богољубивите дела на праведниците подражавај ги, а примерите на лошите одбегнувај ги.

Слава: троичен: Беспочетен Оче, Сину собеспочетен, Утешителу Благи, Духу вистински: на Словото Божјо Родителу, на беспочетниот Отец – Слово, Духу Кој живееш и твориш – Троице-Единице, помилуј не.

Богородичен: Како од тенко црвено платно, Пречиста – умна багренице Емануилова, во твојата утроба Неговата плот беше исткаена. Затоа навистина те почитуваме како Богородица.

ПЕСНА 9

Ирмос: ОД бессеменото зачнување, раѓање неискажливо; од безмажна мајка, нетлен плод; оти Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како Богоневесна Мајка, православно те величаме.

Христос искушуван беше, а ѓаволот Го искушуваше, барајќи од Него камењата лебови да ги направи; на (висока) планина Го одведе, за миг сите царства да ги види. Душо, од стапицава исплаши се, отрезни се, и во секој час на Бога моли Му се.

[Мт. 4,1-9; Мк. 1,12-13; Лк. 4,1-12: Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови.” А Он му одговори и рече: „Напишано е – »Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога.«“ Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на храмовата стреа, и Му рече: „Ако си син Божји, скокни долу, зашто во Писмото стои: »На ангелите Свои ќе заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш некако ногата од камен.«“ А Исус му рече: „Напишано е исто така -»Не искушувај Го Господа, Твојот Бог«.” Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.”; Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина. И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја;]

Грлицата пустинољубива, гласот на оној што вика, Христовиот светилник, кој проповеда покајание: Ирод незаконски со Иродијада живее. Гледај, душо, да не се заплеткаш во противзаконски замки, но покајанието прегрни го.

[Песна 2,12; Ис. 40,3; Мт. 3,8; Мт. 14,3; Мк. 6,17; Лк. 3,19-20: Гласот на гугутката се слуша во земјата наша; Гласот на оној што вика во пустињата говори: „Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог“; Направете плод достоен за каење; Зашто Ирод, кога го фати Јована, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брата му Филипа]

Во пустината се всели Претечата на благодатта, и кога слушнаа, од цела Јудеја и Самарија трчаа кај него и гревовите свои ги исповедаа, и се крштаваа. Душо, ти нив не си ги подражавала!

[Мт. 3,1-6; Мк. 1,3-6: Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!” Оти овој е, навистина оној за кого рекол пророкот Исаија: Гласот на оној, што вика во пустината, вели: »Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!”
А сам Јован имаше облека од камилски влакна и појас од кожа околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот крај Јордански доаѓаа при него и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови.]

Бракот е чесен, постелата е неосквернета, зашто Христос и двата порано ги благослови, кога во тело јадеше, и на свадбата во Кана водата во вино ја претвори, и првото чудо го направи, за да се измениш ти, о душо.

[Евр. 13,4; Јн. 2,1-11: Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог; На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исуса беше таму. Поканет беше исто така на свадбата и Исус, и учениците Негови. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: „Немаат вино.” Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.” Но мајка Му Негова им рече на слугите: „Сè што ќе ви рече, направете!” А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај, што собираа по две до три мери. А Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!” И тие ги наполнија догоре. Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!” И му однесоа. И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја, и го повика младоженецот, и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го зачувал доброто вино за сега.” Така направи Исус почеток на Своите чудеса во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.]

Христос го крена раслабениот, кој својот одар го зеде; го воскресна умрениот син на вдовицата и слугата на капетанот и, кога и се јави на Самарјанката, те научи, душо, на Бога да Му се поклонуваш со дух и вистина.

[Мт. 9,6; 8,13; Лк. 7,14; Јн. 4,7-24: И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!” И слугата негов во истиот час оздраве; И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: „Момче, тебе ти велам, стани!”; „Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.”]

Со допир до крајот од Неговата облека Господ ја излекува жената крвоточива, лепрозните ги очисти, слепите и куците ги исправи, откако ги просветли; а глувите и немите, и жената згрчена, со збор ги исцели, та и ти да се спасиш, бедна душо.

[Мт. 9,20; 11,5; Лк. 13,11-13: И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова; слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието; И ете, дојде една жена која беше опседната од дух на немоќта осумнаесет години; таа беше згрбавена и никако не можеше да се исправи; штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, се ослободуваш од болеста своја.” И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.]

Слава: троичен: Отецот да Го прославиме, Синот да Го превознесеме, на Божествениот Дух верно да Му се поклониме, на Троица неразделна, Единица по суштина, како на Светлина и Светлини, Живот и Животи, Кој живот твори и сите краишта ги просветлува.

Богородичен: Градот твој пази го, Богородице Пречиста, зашто со твоја помош тој верно царува, во тебе се утврдува, и со тебе победува секое искушение, и воини запленува и напредува во послушание.

Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас.

На св. Андреј: Андрее чесен, и оче најблажен, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние што ти пеат: да се избавиме сите од гнев и неволи, и гибел, и безмерни прегрешенија, ние кои твојот спомен верно го почитуваме.

Потоа и двата хора (певници) го пеат ирмосот: Од бессеменото зачнување, раѓање неискажливо; од безмажна мајка, нетлен плод; оти Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како Богоневесна Мајка, православно те величаме.