Канонизација на двајца папи во Рим

"Канонизација на двајца папи во Рим"

Папата Франциск, поглавар на Римо-католичката црква, вчера ги прочита одлуките за канонизација на двајца свои претходници – Јован Павле II и Јован XXIII-ти. На церемонијата на канонизацијата на двајцата поранешни папи, на плоштадот Св.Петар во Ватикан, присуствуваа над еден милион верници и туристи од целиот свет, 150 кардинали и 1000 бискупи, но и 93 странски делегации, од кои 31 беа предводени од претседатели и премиери.

Овој настан е уникатен во едномилениумската историја на Римо-католичката црква, не само затоа што двајца папи истовремено беа канонизирани, туку и затоа што канонизацијата се случи со присуство на двајца живи носители на таа титула, сегашниот – Франциск и претходниот – Бенедикт Шестнаесетти. Церемонијата на канонизација се одржа пред неделната миса, а поранешниот папа, Бенедикт XVI беше сместен меѓу другите кардинали на плоштадот.

Јован Павле II е роден во Полска, како Карол Војтила, и е еден од најпопуларните папи. Се смета дека во голема мера е заслужен за падот на комунизмот за време на неговото папство од 1978-2005.

Јован XXIII е роден како Анџело Џузепе Ронкали во Италија, а познат бил како „Добриот папа Јован” за време на неговото папство од 1958-1963.

Извор: МИА/Танјуг