Киднапираните архијереи се наоѓаат во Сирија и се во „добра здравствена состојба“

"Киднапираните архијереи се наоѓаат во Сирија и се во „добра здравствена состојба“"

Според новински извештај објавен во весникот ал-Акбар минатата сабота, архијереите Јован Ибраим и Василиј, кои беа киднапирани во близина на Алеппо во април минатата година (2013) се во „добра здравствена состојба“ и моментално се чуваат во регионот Тал Абјад, во близина на сириската граница со Турција.

Позади киднапирањето наводно стои истурената келија на ал-Каеда, Азбат ал-Ансар, која истовремено е лојална на Фронт ал-Нусра, но и на Исламската Држава Ирак и Шам (ИДИШ). Според непотврдени информации, киднаперите не биле свесни за последиците од киднапирањето, со што биле приморани да се обратат за помош до ИДИШ, кои пак ги презеле киднапираните епископи и ги префрлиле во ал-Ракка.

Официјално, ниту една група не ја презеде одговорноста за киднапирањето, иако извори блиски од Православната Црква и сириските власти изнесоја тврдења дека киднаперите биле „чеченски џихадисти“.

Христијаните сочинуваат пет проценти од сириското население, но поради последниот бран насилства, кој започна од март 2011 година, овој број е значително намален.

Извор: Pravmir.com