Игуменот на московскиот Сретенски манастир, архимандрит Тихон Шевкунов, шепкулациите кои се раширија за него низ медиумите ги нарекол лажни, соопштува Интерфакс.
– Материјалот што на 25 јули го објави Украинската Служба за безбедност на нејзиниот сајт, а во врска со трагичните настани што се случуваат на истокот од Украина, содржеа информации за тоа како некој човек по име Алексеј Чеснаков, наводно, во телефонски разговор споменува дека се наоѓа на „патување со отец Тихон“. Врз основа на тоа, во медиумите се пласираат апсолутно апсурдни клевети на моја сметка. Морам да кажам дека лично јас не познавам никаков Алексеј Чеснаков, и дека за неговото постоење дознав од објавениот материјал – изјавил отец Тихон во неговиот коментар за агенцијата Интерфакс-Религија.
Истовремено, архимандритот истакнал дека Сретенскиот манастир, како и многу други цркви и манастири на РПЦ-МП во Русија, Украина и Белорусија, прави сè што е во негова моќ за да ги ублажи маките на жртвите од овој конфликт: „Меѓу другото, во детското сиропиталиште кое е под манастирска грижа, се вдомија околу 80 бегалци од источна Украина“.
– Не од вести или од телевизија, туку слушајќи ги живите сведоштва за она што луѓето го преживеале, за бомбардирањето, смртта и страданијата, сфаќаш дека оние кои себе се нарекуваат Христијани, а се наоѓаат на двете страни од фронтот, потребно е заедно да смогнат сили за прекратување на крвопролевањето и за решавање на сите прашања, макар тоа било и тешко, но на мирен начин – истакнал игуменот Тихон.
Извор: Православие.ру