Кумство: Минато и иднина

"Кумство: Минато и иднина"

Кога децата се носат во крстилница, тие не доаѓаат само со нивните родители и пријатели, туку и со нивните кумови. Овие кумови имаат литургиски обврски кои ги извршуваат за време на чинот на Крштението, како на пр. држење на детето в раце, одговарање на прашањата кога свештеникот бара од детето да се одрече од сатаната и да се соедини со Христа. Но, исто така постојат и други обврски, кои започнуваат откако Крштението ќе заврши.

Во книгата „Водич за свештеници“ се вели следново: „Кумовите при Крштението се оние кои пред Црквата се обврзуваат дека бебето коешто се крштева ќе биде воспитано во верата на Црквата; оттука, тие мора да бидат членови на Светата Православна Соборна Црква“. На ова, протојереј Давид Абрамцов додава: „Помеѓу другите обврски, кумовите имаат обврска да осигураат детето редовно да се причестува, да го посетува црковното училиште, но и црквата, редовно, да ги научи молитвите и да ги исполни сите преостанати барања на Православната вера“.

pokrstuvanje

Звучи добро. Единствениот проблем е што во современото нуклеарно семејство1 тешко е за некого да вети дека неговите кумашини ќе ги исполнат сите овие задолженија, доколку за истото не постои расположение кај самите родители на детето. И тргајќи ги брзоплетите ветувања на страна, едно треба да ни биде јасно: доколку родителите не ги воспитуваат своите деца во побожност и вера, овозможувајќи живата вера да биде пренесена на нивните поколенија, постои многу малку нешто што кумот може да стори околу тоа. Кумот може да додева, секако, да охрабрува, па дури и да приговара. Но, сепак најголем дел од одговорноста паѓа врз родителите, а особено врз таткото.

Во реалноста, децата го учат тоа што е важно преку набљудување на тоа што нивните родители го прават. Кумовите можат да поттикнуваат и влијаат до одреден степен, но нивната улога е второстепена и поддржувачка. Родителите ќе ја обликуваат детската побожност (или нема да го сторат тоа), и тоа ќе го овозможи оформувачкиот ефект. Внимавајте: децата ќе учат од она што родителите го прават, не само од она што тие го зборуваат. Родителите можат да велат, „Црквата е многу, многу важна“, но доколку тие не одат в црква секоја недела, и не се причестуваат ревносно, не ги кажуваат нивните молитви, не се молат пред јадење, нивните убедувања децата ќе ги гледаат како лицемерни замки. Односно, таквото воспитување нема да вроди со долгорочен ефект. Во таквиот дом, каде родителите не практикуваат жива вера, ефектите од напорите и трудот на кумовите ќе биде исклучително минимален. Тетка Вера и чичко Никола можат до утре да бидат мили и драги, но нивната мила љубов не може да го надополни лошиот родителски пример.

Некој може да биде доведен во искушение да се запраша: „ако е таква работата, која е целта на имањето кумови?“ Тука одговорот би започнал со разгледување на функционирањето на кумството во раната Црква. Во тие денови, сите луѓе кои се подготвувале за Крштение имале кумови, дури и возрасните. Една жена-поклоник, која во историјата е позната како Егерија2, запишала, во нејзините мемоари од поклоничките патувања во Светата Земја, како се одвивало Крштението во однос на кумството во Ерусалим во тоа време.

Во нејзините мемоари пишува: „На вториот ден од Постот, на почетокот од осумте недели, епископскиот престол е поставен во средината на Великата Црква, Мартириумот, a презвитерите седнуваат на престолите од двете страни околу него, и сиот клир стои. Тогаш, еден по еден се воведуваат оние кои бараат Крштение; мажите доаѓаат со нивните татковци, жените со нивните мајки. Како што доаѓаат, еден по еден, Епископот на нивните соседи им поставува прашања за нив: ‘Дали оваа личност води добар живот?’, ‘Дали ги почитува своите родители?’, ‘Дали е пијаница или фалбаџија?’ Тој се распрашува за сите посериозни човечки пороци. И доколку при испитувањето узнае дека човекот не извршил ниту едно од овие злодела, тој самиот му дава име; но, ако некој е виновен, му се вели да си замине, а Епископот му вели дека треба да ги исправи своите патишта пред да може повторно да пристапи“.

Оттука, во раната Црква улогата на кумовите била таква, што тие сведочеле за оправданоста на Крштението преку сведочење за Христијанскиот живот на огласениот (во случаите на крштевање на дете, сведоштвото се однесувало на фактот дали родителите на детето водат или не Христијански живот).

На крај, значи, кумовите имаат улога на зачетни сведоци за природата на Христијанското живеење. Крштението не е само „нешто преку кое треба да се помине“, нешто како прва вакцинација. Тоа е почеток на еден живот на посветеност кон Христа и стремеж кон светост. Присуството на кумови открива дека откако Крштението ќе заврши, од новиот член доживотно се очекува нешто.

Значи, Крштението е како запишување на училиште – процесот на запишување е важен, но е суштински безначаен доколку ученикот не започне да оди на училиште, да ги посетува часовите, да учи, да полага испити. Запишувањето во училиште е насочено кон денот на дипломирање; Крштението е насочено кон денот кога ќе умреме и ќе зачекориме во Царството. Тетка Вера и чичко Никола стојат до нас како кумови и на малиот кандидат му го посочуваат тој конечен и славен ден.

Протојереј Иларион Фарли

Извор: „Тавор“ бр. 4

1 Нуклеарно семејство, семејство кое е сочинето од маж, жена и нивните деца.
2 Егерија (или Aetheria, честопати нарекувана и Силвија), била жена која во периодот од 381 до 384 година била на поклоничко патување во Светата Земја. Своите искуства и впечатоци од Светата Земја ги напишала во форма на долго писмо упатено до неколку жени од нејзиниот крај.