Лажната духовност на сегашноста (3)

"Лажната духовност на сегашноста (3)"

Продолжеток од првиот и вториот дел

Вражари, гатачи, пророци

Со појавата на магијата во човечкото општество се формира одредена група на луѓе која смета дека е надарена да оствари контакт со натприродните сили, да влијае врз нив или да претскаже што ќе се случи, односно да погоди што се случило со некого некогаш и некаде.

Вражарите се, наједноставно речено, луѓе што се занимаваат со вражање, односно со најразлични видови на магија. Во поголем број постојат кај примитивните племиња и народите на понизок степен на развојот (тоа се т.н. врачеви што вршат улога на жреци, гатачи и лекари во одредено племе), а во нешто помал број и во поразвиените општества. Неретко и кај нас, на пример, болните деца, наместо на лекар, се носат кај вражари за овие нешто да им „побаат против уроци“, да им растураат веќе фрлени волшепства, да им подготвуваат разно-разни мелеми, да им даваат совети и слични нешта (=надрилекарство). Секако, грижливите и исплашени родители парично ги наградуваат „спасителите“ на нивното дете, иако и тоа како се чести случаите здравствената состојба да се влоши, за што редовно ќе се пронајде друг виновник.

За истите работи кај вражарите одат и возрасни, но и за да се фрлат клетви, или да се нанесе некакво зло на некој друг, што бездруго Вражари, гатачи, пророци спаѓа во областа на т.н. црна магија. Има и такви вражари кои им советуваат на луѓето да посетуваат цркви и манастири, честопати и повеќе цркви и манастири во еден ден на поголемо меѓусебно растојание, за на тој начин да решат некаков си сопствен проблем. Како црквите да се определени точки на мапата кои треба да се посетат во еден ден за проблемот успешно да се реши, како некаква спортска дисциплина. Значи, се заборава дека црквата е дом за молитва и сврталиште на Светиот Дух, па нејзе ѝ се дава улога на некаков елемент во магиското делување.

Очигледно е дека зад ваквите луѓе не стои Бог, туку демонските сили. Со овие вражари и вражарки, со овие врачи, никаква врска немаат светите бесребреници Козма и Дамјан кои во народот се познати како свети Врачи, кои биле лекари што ревнувале во верата хрстијанска, и кои за сторените услуги за болните не барале, ниту пак примале било каква награда. Нив народот ги нарекува свети Врачи (=свети Лекари), затоа што именката „врач“ на црковнословенски и руски јазик токму тоа и означува: лекар.

Гатачките (и гатачите) се луѓе кои „погаѓаат“ што некому му се случило во минатото или што во иднина ќе му се случи, а често „го откриваат“ и карактерот на одредена личност. При тоа, користат соодветни помошни средства – понекогаш се служеле со коски од убиени или жртвувани животни, предмет кој припаѓа на некоја личност, кристални кугли, ѕвезди (астролозите), распоредот на цртите на дланката (хиромантија), карти и слично. Во поново време широко е распространите т.н. „гледање на кафе“, како и другите веќе споменати методи. Додуша, некои гатачи не се служат со помошни средства, туку врз основа на разговор лице в лице, телефонски разговор или напишано писмо ги изведуваат своите „одгатнувања“.

Треба веднаш да кажеме дека и во овој случај станува збор за измами, слични или истоветни со магиските, значи – „дело на ѓаволски раце“. Од оваа група треба да се издвои областа на ткн. парапсихологија (со многу внимателен пристап), којашто сѐ уште е недоволно научно проучена, а луѓето коишто поседуваат реални парапсихички способности се толку малубројни во однос на самонаречените видовити луѓе, што нивното разликување и проучување е во голема мера отежнато.

Библиските пророци биле луѓе, избрани од Бога, кои на својот народ му ја објавувале Божјата волја, како и она што ќе ги снајде во иднината, или што може да ги снајде доколку не се одречат од безбожништвото и идолопоклонството. Некои од нив го прорекле и доаѓањето и службата на Господ Исус Христос како ветени Спасител. Меѓутоа, тие сите биле луѓе кои по милоста Божја не отстапувале од правата вера, кои не се клањале на идолите и кои не се користеле со магија или некоја друга ѓаволска измама.

Такви луѓе постоеле и по доаѓањето, смртта, воскресението и вознесението на Господ Исус Христос – светителите Божји во Црквата Негова, вдахновени од Духот Свет. Такви луѓе постојат и денес, но не надвор од Црквата, оти онаму кадешто не постои благодатното раководење во Духот Свет – не постои ни вистината. Меѓутоа, во стварноста ни се случува токму тоа – да бидеме пренатрупани со квази-пророци, вражари, гатачи, видовити, екстрасенси и кој знае со што уште не (да не ги спомнуваме сектите и „спиритуалните движења“).

Општото незнаење и духовната незрелост на општеството го земаат својот данок. Има сѐ повеќе луѓе на патот што не води никаде – освен во пропаст. Пророците ги нудат своите лажни пророштва и нѐ држат во неизвесност и неодлучност, на тој начин правејќи нѐ неспособни да направиме нешто корисно за нас. Нивните „визии“ се толку општи и нејасни, што и кога е очигледно дека погрешиле, тие лесно наоѓаат оправдување во општите светски случувања, и сѐ си врви по старо. Народот што се откажал од Бога многу лесно ги прогласува за свои идоли и потпаѓа под нивно влијание, така што и логиката на здравиот разум им откажува.

Сето тоа после лесно се користи за стекнување на профит без мака. Но, за ѓаволот уште повеќе да ликува, се изнаоѓаат нови начини за да им се пристапи на широките маси. Во времето кога многу се говори за враќањето на нашиот народ кон Православието, одеднаш добиваме мноштво „православни“ пророци кои настојуваат нивните демонски дела да ги сокријат позади Црквата; сѐ повеќе тие ги спомнуваат светителите и Самиот Господ Исус Христос, како и напатениот народ, за на тој начин да ги придобијат оние, слабите по вера. А фактот дека истите тие „пророци“ не доаѓаат во црква (а, ако и дојдат – тоа е само маска, поради народот), не се послушни пред Божјите и црковни заповеди, говорат (директно или индиректно) против христијанската вера со тоа што Бога Го прикажуваат онаков каков што Тој не е, исто и светителите, потоа говорат против свештенството, против богослужбите – накратко, го расипуваат и рушат сето она што го сочинува темелот и поредокот на Црквата.

Дел од нив во измамите одат уште подалеку, така што има и такви кои тврдат дека поседуваме неправилни библиски текстови (дека правилните се наоѓаат во Ватикан, и треба насилно да се освојат и грабнат), потоа, дека постои или треба да се оствари „трет завет“, дека Православието треба да се „надмине“. Со кого би имало ова врска, ако не со стариот рушител и измамник на човечкиот род – ѓаволот?

Презвитер Радиша Јовановиќ
Извор: „Тавор“ бр. 3