Лажната духовност на сегашноста (4)

"Лажната духовност на сегашноста (4)"

Продолжеток од првиот, вториот и третиот дел

Астрологија

Веројатно најраспространета магиска заблуда под велот на некаква си научност. Во енциклопедиите е дефинирана како „псевдоучење кое се занимава со пророкување на судбината на поединци или групи, зависно од положбата на планетите и ѕвездите во определен час. Се развила покрај астрономијата, кога луѓето поради ориентација во просторот и времето започнале да го набљудуваат ѕвезденото небо. Сметајќи ја Земјата за центар на светот (геоцентричен светоглед) и откривајќи дека годишните времиња и природата зависат од положбата на Сонцето, а некои природни појави и од месечевите мени, (луѓето) заклучиле дека и останатите небесни тела мора да имаат пресудно влијание врз судбината на луѓето“.

Или, просто и народски кажано: астрологијата е гатање преку ѕвездите. Најверојатно се појавила во Халдеа. Вавилонците ја презеле од Халдејците, а оттаму се проширила низ Египет, Грција, Римското Царство, Персија и Индија (сето ова во вековите пред доаѓањето на Господ Исус Христос). Во Средниот век особено се развила кај Арапите. Од сите тие народи, зависно од времето и условите, добила одредени особености. На тој начин имаме различни видови хороскопи: западен, кинески, индиски и многу други.

Што е она што хороскопите го нудат? Навистина – нешто „фантастично“. Потребно е да дадете податоци за местото во кое сте се родиле, часот и датумот на раѓање, со што ќе бидете групирани во определена група на луѓе, ќе дознаете каква личност сте, што вообичаено ви се случува, какво било вашето минато и што ве очекува во иднината, и она што е најважно, ќе добиете совет како треба да се однесувате во следниот временски период. Значи, вие не мора многу да мислите, има кој да го стори тоа за вас, доволно е да послушате. Се изработуваат дневни, седмични, месечни, годишни и натални хороскопи, хороскопи за една личност, за повеќе личности, итн. Се прават врз основа на тоа каква е меѓусебната положба на небесните тела при нивното движење. Имено, на поединечни небесни тела или соѕвездија им е дадено симболично значење, и од нивниот небесен распоред зависи што ќе се случува на Земјата. Значи, постои некаква судбина, нешто што се одвива независно од човечката или Божјата волја, нешто што со сигурност влијае на тоа како луѓето ќе реагираат, како тие ќе се однесуваат.

Какви се последиците од ваквите учења? Првото нешто што е воочливо е тоа дека слободата на човекот е сведена на најмалата можна мера, ако не и целосно исклучена. Оти, ако моите постапки зависат од распоредот на ѕвездите над мојата глава, т.е. од судбината на која сите ѝ се покоруваат, зошто тогаш да не се препуштам на стихијата од настани, зошто да се трудам кога можам да ги послушам советите од астролозите, и ќе се случи она што и онака мора да се случи? Зошто да се поправам себеси и да се трудам да не го повредам другиот, кога мојот карактер и моето однесување се судбински „зацртани“ да бидат такви какви што се? Јас не сум одговорен за своите дела, не сум виновен за своите постапки, како што не се ниту другите. Едноставно – таков е хороскопот!

Сето ова го негира и христијанското поимање на Бога како апсолутно и слободно Битие, Кое од љубов го создава светот и човекот како врв на целото создание: ако постои судбина одредена од ѕвездите, зар човекољубивиот Бог го создал човекот поради ѕвездите (а не ѕвездите поради човекот)? Ако не го сакал тоа, тогаш и самиот тој бог е подложен на судбината без која не се може, што значи дека ниту тој не е слободен, односно зависи од созданието што самиот го создал (што е апсурд), или пак, дека не го создал светот ни од што, дека светот Му сопостои на Бога, а и двајцата заедно се покоруваат на некава сеопшта судбина – што е карактеристично за многубожечките религии, односно за „незнабошците“, луѓето кои не Го познаваат Единствениот и Вистински Бог (термин позајмен од Светото Писмо).

Ниту малку не е тешко да се заклучи кој стои позади „пронаоѓачот“ на астрологијата и судбината. Никој друг, освен оној кому му смета верата на човекот во Бога, оној кој во вид на змија ги наведе родоначалниците на човештвото на првородниот грев – самиот Сатана. Со измислување на судбината се оправдува злото во светот како нешто што нужно постои; човекот се наведува на пасив- ност и невнимателност кон своето спасение (што е сериозен грев); се воведуваат пагански елементи со кои се расипува верата и сфаќањето на Бога. Хороскопите се користат како од- лично средство за сугестивно управување со човечката волја.

Астрологијата се родила меѓу многубожечките народи чии богови се проекција на човечката фантазија; со овие народи, библискиот еврејски народ бил во постојано непријателство. Зодијачките знаци во хороскопот потекнуваат токму од асиро-вавилонската религија. И како тогаш, врз основа на нив, некој може да ги групира христијаните во одредена група на луѓе чии животни патишта се детерминирани од некакви ѕвездени божества? Или да се претставува како „православен астролог“… или да се става во заштита на „татковината и Православието од демонскиот остаток на светот…“?

Презвитер Радиша Јовановиќ
Извор: „Тавор“ бр. 3