Продолжеток од првиот, вториот, третиот и четвртиот дел.
Учењето на Библијата
За нас, православните христијани, секако дека е најважно и најверодавно она што за овие проблеми го вели Црквата преку своето духовно искуство. Затоа ќе посочиме места од Светото Писмо и канони на вселенските и помесни собори, како и правила на светите отци што се однесуваат на оваа проблематика:
Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш. (3Мојс. 19, 31)
И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева, и по магесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин. (3Мојс. 20, 6)
Маж или жена, ако извикува духови на мртви, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се. (3Мојс. 20, 27)
Да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зошто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, твојот Бог; зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал. (5Мојс. 18, 10-14)
Тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Еномовиот син, гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и повика извикувачи на мртви и волшебници: тој вршеше многу лоши работи пред очите на Господа, за да Го разгневи. (2 Летописи 21,6)
Стој си, пак, со твоите маѓии и со многуте баења, со кои си се занимавала од млади години: можеби – ќе си помогнеш, можеби – ќе се одржиш. Ти си уморна од многу замисли; нека излезат оние, што го набљудуваат небото, ѕвездобројачите и претскажувачите по новомесечијата, нека те спасат од она, што треба да ти се случи. Ете, тие се како слама: оган ќе ги изгори; не ја спасија душата своја од пламенот; не остана јаглен да се погрее некој, ниту оган, за да се поседи крај него. (Исаија 47, 12-14)
Вака вели Господ – не одете по патот на незнабошците и не плашете се од небесните знаци, од кои се бојат незнабошците. (Јеремија 10, 2)
А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите. (Дела 19, 19)
Канони од вселенските и помесни собори, и правила на Светите Отци
Оние кои се обраќаат на жреци, или т.н. стотници, или слични на нив, за од нив да го дозна- ат она што сакаат да им се открие, согласно со она што отците наши го наредија за нив, нека подлегнат на правило за шестгодишно покајание. На истата казна мора да подлегнат и оние кои водат мечки или слични животни за баење, а на штета на обичните луѓе, и ги лажат говорејќи им лудории за среќата, за судбината, за родословието, и мноштво такви нешта; а исто и т.н. гонители на облаци и оние што се занимаваат со чародејства, кои прават амајлии против чародејствата, и гатачите. А [оние] што ќе останат упорни во тоа, и нема да сакаат да се одвратат и склонат од таквите штетни и незнабожечки измислици, наредуваме целосно да се исклучат од Црквата, како што и налагааат светите правила.
Трулски собор, LXI правило
Гатачите и оние кои ги следат незнабожечките обичаи, или кои во своите домови носат луѓе да им баат, или заради очистување, нека подлегнат на правилото за петгодишно покајание, поминувајќи ги востановените степени: три години нека приклонуваат колена, и две години нека се молат, но без (право на) причест.
Анкирски собор, XXIV правило
Оној кој се предава во раце на вражари или слични, нека добие казна иста со убијците.
LXXII правило на св. Василиј Велики
Оние од свештенството или клирот не смеат да бидат гатачи, ни вражари, ниту нумеролози, ниту астролози; ниту смеат да прават ткн. амајлии, што се окови за нивните души. Оние пак, кои ги носат ваквите амајлии, наредуваме да се исклучат од Црквата.
Лаокидиски собор, XXXVI правило
Оние кои се занимваат со вражања и ги следат обичаите на незнабошците, или носат секакви луѓе во своите домови за да им приготват волшебни напитоци за да се очистат, нека подлегнат на правилото за шестгодишно покајание; и откако една година ќе плачат, една ќе слушаат, три години ќе преклонуваат колена и една повторно ќе стојат со верните, тогаш нека се примат.
LXXXIII правило на св. Василиј Велики
Оние, пак, кои се обраќаат на лажговците, или гатачите, или оние кои ветуваат со демони да ги очистат, или од некакво зло да ги сочуваат, таквите мораат грижливо да бидат испитани и од нив да се бара одговор.
III правило на св. Григориј Нисски
Наместо заклучок
Богобојажлив народе, народе христијански! Ако навистина сакаме да бидеме она што декларативно сме, да се вратиме кон православната Црква и нејзиниот светотаински живот. Да ги посетуваме богослужбите и да чуеме на што нѐ учи Црквата, зашто токму таа претста- вува продолжеток на мисијата на Спасителот низ историјата, а востановена е и предадена ни е од самиот Господ. Надвор од неа нема ниту Вистина, ниту спасение. Надвор се грабливите волци кои на секој начин настојуваат преку лаги да нѐ прелажат и заведат од правиот пат. Да дознаеме каде е изворот на нашата духовност и да се запознаеме со основите на православната вера, за полесно да ја разликуваме светлината која ја изгонува темнината од лажниот блесок на овоземните минливи вредности.
Полнотата на духовниот живот не е ниту во телевизиските преноси на Литургијата, ниту во уличните часописи, ни во „духовните“ книги со сомнително потекло, ниту во грлатото фалење со Православието пред оние кои немаат никаква врска со него; таа се наоѓа единствено во благодатниот црковен живот. Вистината не се мудрува, не фантазира, не се продава; едноставно, таа се живее.
Да не си градиме идоли самите на себе, да не паѓаме во лукавите ѓаволски замки. Да се очистиме себеси и нашите светињи, за во нас да се обнови благодатта на Светиот Дух, да бидеме достојни да се наречеме Синови Божји.
„Не впрегнувајте се заедно со неверниците; зашто, какво општување постои меѓу прав- дата и беззаконието? Што воопшто има меѓу светлина- та и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник? Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ”. Затоа излезете од нивната средина и одделете се! Вели Господ, и не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки”, вели Господ Седржителот“ (2Кор. 6, 14-18).
Презвитер Радиша Јовановиќ
Извор: „Тавор“ бр. 3