Група од осум волонтери од ПХМЦ (Православно-христијански Мисионерски Центар) од Америка организираа седумдневен летен камп за децата-штитеници од домот „Шпреса“ („Надеж“) во манастирот на св. Власиј во близина на Драч. Темата на кампот беше „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, а активностите беа насочени кон Параболата на блудниот син, со која децата се запознаа преку музика, уметност, учење на англиски јазик и спортски активности.
Уметничката работилница посветена на рембрантовата слика „Блудниот син се враќа“ беше особено интересна за децата кои разговараа за неа, и ја споредуваа со иконописниот православен стил и рубљовата „Света Троица“. На тој начин, тие беа запознаени со свештената естетика и богословието на иконите.
Учесниците на кампот остварија и екскурзија до историскиот град Скадар, каде присуствуваа и на осветувањето на новата црква посветена на Рождеството Христово од страна на Неговото Блаженство, Архиепископ на Тирана и Албанија, г.г. Анастасиј. По Литургијата децата, заедно со мисионерите од Америка појдоа на пикник.
По предлог и благослов на Митрополитот Николај, на последниот ден од летниот камп се одржа средба меѓу поранешните учители, воспитувачи и штитеници на домот „Шпреса“ со сегашните вработени и штитеници. Средбата се одржа во крајно емотивна атмосфера, при што сите споделуваа дел од заедничките спомени. Тоа беше ден исполнет со радост, и сите изразија надеж дека ваквите активности ќе се одржуваат секоја година.
Извор: Албанска православна црква