Либанската војска со реакција на заканите на Исламската Држава кон Христијаните во Триполи

"Либанската војска со реакција на заканите на Исламската Држава кон Христијаните во Триполи"

Изминатиот вторник (02.09.2014 г.) либанската војска распореди голем број вооружени трупи во северниот либански град Триполи за да го смири стравот на Христијаните во истиот град. „Дојдовме да ве заколеме вас, поклоници на крстот“ е графит кој се појавил на ѕидот од црквата на св. Илија во Триполи, а кој се поврзува со приврзаниците на Исламската Држава.

Тензиите во Триполи пораснаа, откако се случија неколку инциденти насочени против христијанската заедница во градот. Наводно, биле запалени неколку распетија, и фасадите на неколку цркви биле испишани со пораката „Исламската Држава доаѓа“. Сепак, некои од аналитичарите сметаат дека овие инциденти се рекација на палењето на исламски знамиња од страна на неколку млади лица на бејрутскиот плоштад.

Инцидентите беа остро осудени од властите во земјата. Министерот за правда, г. Ашраф Рифи вети целосна истрага и спречување на обидите за започнување на „секташки судири.“ Либанскиот Премиер, Н.Е. Тамам Салам ден претходно предупреди дека нема да дозволи неговата држава да биде поделена од страна на сектите, алудирајќи на Фронтот Нусра и Исламската Држава, кои во заточеништво држат најмалку 23 воени и полициски офицери, обидувајќи се да ја прошират борбата и во Либан.

Извор: Daily Star