Света Литургија и ракопроизводство во игуменски чин на празникот Обновување на храмот на свети великомаченик Георгиј Победоносец во Лида

"Света Литургија и ракопроизводство во игуменски чин на празникот Обновување на храмот на свети великомаченик Георгиј Победоносец во Лида"

На 16.11.2020 г. – празник на Пренесување на моштите на свети Георгиј од Никомидија во градот Лида Палестинска и Обновување на храмот на светиот великомаченик во Лида, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј служеше Света Литургија во манастирот на св. великомаченик Георгиј, во Куманово.

На Светата Литургија, за време на Малиот вход, Митрополитот г. Григориј го произведе во игуменски чин јеромонахот Атанасиј (Николиќ). Во православната Црква, игумен е старешина, управител на манастир. Игуменот врши етичко-дисциплинарен надзор над монасите. Тој е пастир и учител, како отец треба да се грижи за секој монах и пред сѐ, за духовното усовршување на монасите на патот на достигнување на целта – вечното спасение. Игуменот има задача да ги советува монасите, слабите да ги поддржува, оние што згрешиле да ги врати на патот на вистината. Според правилата на св. Василиј Велики, игуменот пред сѐ, бил извршител на монашката исповед.

Честит нека му е игуменскиот чин на отец Атанасиј. Господ Бог да ги услиши молитвите од чинот на хиротесијата за игумен, принесени преку нашиот владика, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј; да го покаже игуменот на манасирот на Св. великомаченик Георгиј како „верен и мудар економ (т.е. устроител на манастирскиот и монашкиот живот) за доверената  словесна паства, во сѐ да ја извршува Божјата волја и да биде достоен за Неговото Царство.“