Литургискиот простор на Православната Црква (1)

"Литургискиот простор на Православната Црква (1)"

Во Старечникот се вели: „Седи во својата келија, и твојата келија ќе те научи на сè.“ На ист начин, би можеле да речеме: „Живеј ја Светата Литургија, и таа ќе те научи на сè“. Ќе ја познаеш како света мајка која те раѓа во животот, и како живо богословие кое ти ја открива свештеноста на сета творевина. Светата Литургија, литургискиот дух, ја вообличува архитектурата на храмот, внатрешниот простор и иконопис. Понатаму, ова молитвено и живописно богословие им помага на членовите на Црквата да се восредоточат, да учествуваат и да ја живеат божествената мистагогија.

Оние коишто прислужуваат во олтарот треба да знаат дека од моментот кога свештеникот возгласува: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“ не постои ништо друго. Секој ќе го прави само она што го предвидува и побарува Светата Литургија. Свештеникот свештенослужи, ѓаконот му прислужува на свештеникот, помошниците се грижат за темјанот и свеќите… и народот, заедно со певницата, учествува. Присуството на верниот народ е толку неопходно, што без него Светата Литургија не се служи. Во Светата Литургија, преку причестувањето со Животот, светотаински се воведуваме во тајната на создавањето, во драмата на падот, во настанот на спасението и во слободата на есхатонот.

Ако навистина се воградуваме во Литургијата и нашиот живот стане Света Литургија (што претставува и конечна цел на нашето бивствување), тогаш го измируваме долгот на љубовта што го имаме кон нашите ближни, без разлика дали тие ни се близу или далеку. Тогаш даваме сведоштво на Духот, или поточно, не ја спречуваме светлината на Воскресението во ширењето по светот, како сила животна и утешителна.

Свештеникот во олтарот чита: „Но сепак, заради неискажливото и неизмерно човекољубие Твое, непроменливо и неизменливо Си станал човек, и Си ни бил Архиереј и, како Владика на сите, Си ни го предал свештенодејствието на оваа литургиска и бескрвна жртва“. Тој, непристапен, нам ни доаѓа. Не само што ни се приближува, не само што ни пристапува, или просто, разговара со нас, туку се поистоветува со нас, постанува неизменливо и непроменливо човек, останувајќи по суштина непристапен Бог за нас.

Бог е страшен поради Неговата љубов. Те љуби, го љуби секој човек, дава неизговорлива смисла на сечиј живот. Понатаму, на Светата Литургија, се чита: „Достојно и праведно е Тебе да Те воспеваме… на секое место од Твоето владеење…“.

Секогаш, во сите услови, во сите радости или несреќи; кадешто Ти владееш. Кога Му допуштаме Нему да биде Владика и Господ на нашиот живот, тогаш вреди и можеме да Го воспеваме. Кога ја твориме Неговата волја; кога живееме за Тој да (го) прави (она) што сака; кога умислено допуштаме навистина да владее во нашиот живот – тогаш можеме достојно да Му благодариме. Тогаш, од самиот наш живот произлегува, се раѓа едно вистинско славословие; сиот наш живот станува едно славословие.

Ти од небитие во битие Си нè привел, и кога сме отпаднале пак Си нè подигнал, и не Си отстапил да правиш сè, додека не Си нè возвел на Небесата, и не Си ни го дарувал Твоето идно Царство.“ Непостојното бива ипостасирано. Створеното се возведува на небо. И од денес, верните, литургиски примајќи го идното Царство, „За сето тоа Ти благодариме Тебе, на Бога Отецот, и на Твојот Единороден Син и Твојот Свет Дух“.

Ти благодариме за сè што знаеме и што не знаеме. И свесно Ти благодариме за сè што не знаеме. Оти, самите не го знаеме вистински она што ни е познато. Не го распознаваме ни она што ни е видливо, ниту го разбираме она што е во созданието. Стануваме свесни само за едно: дека Некој нè приведе од небитие во битие.

Не успеавме, туку се сопнавме и паднавме. Тој, Доброчинителот, не нè остави во падот, туку нè возведе на небо и „нè казни“ со изобилството на своето божествено доброчинство. Значи, за нас едно е сигурно – дека, и пред да бидеме создадени, и откако паднавме, и откако бевме вознесени на небесата, Некој, Кој е Љубов беспочетна и неиспитлива, сè уредува. И на невидлив, неизговорлив и недоумен начин – прави „сè во сè“, со мноштвото на Својата милост. Ова непостижно човекољубие Негово во нас раѓа една безгранична доверба. Така, преку Него, го сфаќаме непознатото.

Архимандрит Василиј Гондикакис
(продолжува)