Литургискиот простор на Православната Црква (2)

"Литургискиот простор на Православната Црква (2)"

Молитвите што се читаат на Светата Литургија, иконостасот што нешто сокрива и открива, дверите кои во еден момент се затвораат, па повторно се отвораат, сето тоа говори за некакви мистични реалности, за нешто што се наоѓа над она што се гледа и слуша. Бидејќи тајната на животот има видливи и невидливи страни, опипливи и неопипливи, затоа и Светата Литургија не говори монотоно и не се обидува секогаш на ист начин да им објасни сè на сите. Како што се вели во нашето богословско предание, и Господ често објавен Се сокрива, и сокриен Се објавува. Значи, Бога треба да Го запознаеме богодолично; и човекот, како икона Божја, исто така.

Некогаш многу нешта се откриваат кога за нив се говори, а други пак, кога за нив се молчи. Понекогаш, некому е потребен збор за да направи чекор кон познание на божествените нешта, а понекогаш, на некој друг му е неопходен молк за да ја достигне зрелоста во духот. Значи, Светата Литургија има разновидни моменти, начини и објавувања кои се менуваат и кои го почитуваат човекот, одговарајќи им на сите негови потреби.

Така зборот, иконата, мелосот, во Литургијата добиваат неизговорлива, несогледлива и неистражлива длабочина. И неискажливиот и неистражлив Дух таинствено го осветлува и толкува она што е видливо и сфатливо. Во Светата Литургија биваш воден, ти бива разјаснето она што во видливото е невидливо, во изговореното е неизговорливо, во сето она што сметаме дека го сфаќаме и познаваме е несфаливо.

На Твојата Тајна Вечера, Сине Божји, прими ме денес за причесник“. Денес: овој ден, овој час, во овој живот. Денес значи еден момент – тоа е нашиот живот. Сиот наш живот нека биде како овој момент; еден принос („Тебе Ти го доверуваме сиот свој живот и надеж“), и едно божествено причестување.

Сета историја за нас нека стане Света Литургија. Сиот свет како една црква. „Сиот простор стана дом за молитва“. Така, кога свештеникот се моли „…за овој свет храм, и за оние коишто со вера, набожност и страв во него влегуваат…“ како да се моли за сите оние што влегуваат во храмот на созданието, за сите што на светлина дојдоа, оти „Тој беше вистинска Светлина Kоја го просветлува секој човек што доаѓа на светов“.

Удојстој нè да се причестиме со Твоите страшни небесни Тајни од оваа света и духовна трпеза…“. Удостој нè неосудено да се причестиме, да станеме причесници на оваа света, свештена и страшна трпеза; всушност, со созданието на животот, тајната на нашиот однос со Тебе, со другите и со сето создание. Удостој нè, Господи, така што нашето живеење и однесување во ова создание и историја да биде „за отпуштање на гревовите, за заедница со Светиот Дух, за смелост пред Тебе, а не на суд или осудување“.

Во часот на осветувањето не (про)изнесуваме свои мисли, ниту свои зборови. Точно ги повторуваме зборовите на Отците. Го велиме она што го пишува во литургиската книга. Така, литургиското слово има творечка сила. Личи на словата што творат: „Тој рече, и тие настанаа, Тој заповеда – и се создадоа“.

Во создавањето, Духот „лебдеше над водата“, и давајќи му облик на безобличното и неуреденото. И сега молиме да се случи претворањето на чесните Дарови преку Духот Свет. Меѓутоа, онолку колку што просиме да биде волјата Негова, Духот да ги освети предложените дарови, исто толку не говориме наши слова, туку словата на Преданието и Отците. На овој начин, ние сме вистински присутни, делувајќи „со сите Светии“ во името на целата Црква.

Литургиските молитви од Преданието се секогаш исти, а истовремено нови и за прв пат слушнати. Оти, преку нивниот поттик сè се жртвува и сè одново и како ново воскреснува. И доколку сме во Преданието, ние сме вистински современи и способни плодоносно да се соочиме со новите околности и потешкотии, прифаќајќи ги како благослов. Доколку сме му верни на Преданието и на нашата вера, стекнуваме духовно трпение и разбирање на љубовта, за сите да ги прифатиме како свои браќа. И доколку сме навистина чисти во срцето, сите ги гледаме како чисти, и никого не го сметаме за расипан или нечист.

Верниот се храни од светата Трпеза на литургиското богословие и слободно дише, живеејќи во слободата на Идниот Век. Идниот Век не се чека временски, туку од сега, литургиски ја осветлува историјата и созданието. Човекот, неговиот живот, не е еднаш создаден од Бога. Тој секој ден се создава – затоа е и жив. Животот во Христа е еден бескраен ôд кон Него, Кој е „Пат, Вистина и Живот“.

Сета болка е примена во срцето на Светата Литургија. Сета Света Литургија – Христос, сиот живот Христов – крст. Сето наше постоење – болка и крст. На тој начин можеме да се накалемиме на Христа Кој боледува, Кој страда и Кој крвари. На Христа Кој умира и воскреснува, за да го доживееме крстовоскресниот благослов и исповедање: „Преку крстот дојде радоста на целиот свет“.

Тогаш се радуваме. Се радува секој верен, оти радоста доаѓа во целиот свет. Се радуваме, оти радоста од болка се родила. Смртта со смрт е победена, и Христос – светлиот Жених, како од брачна одаја излегува од гробот.

И кога го живееме фактот на постигнувањето и здобивањето, преку болка и неволји – здравје, преку губењето на својата душа – наоѓање и спасение, тогаш сме сигурни дека во оваа литургиска клима кадешто Богочовекот владее, конечниот испит на смртта, од најтажен се претвора во најпријатен и најблажен, изненаден благослов и премин, одмор и радост, во еден вид сецело принесување за Него.

Верни, воградувајте се во Литургијата и бидете преплавени со божествена стравопочит и благодарност. Од храмот излегувајте исполнети со сила и благодат Господова. Нека ве потресе величенственоста на љубовта на Богочовекот, и ништо од себе не говорете, туку оставете да говори пленетоста од изненадувањето поради тајната на чудото. Исто како Мироносиците, кои заминаа од гробот, кои „ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, оти се боеја.“

Љубете ги непознатите и рамнодушните како свои браќа. Дозволете му на вашето трепетливо битие да го љуби созданието и животните, земјата, дрвјата, реките, планините… и сето создание, кое го очекува благословот на вашата љубов.

И дозволете ѝ на љубовта Христова таинствено да се излева, за светот да почне да добива сила, да добие здравје и да ја најде својата душа, губејќи ја поради Господа и Неговото Евангелие.

А вие… само продолжете да љубите. Ништо друго.

Архимандрит Василиј Гондикакис