Поголемиот дел од времето мислиме дека знаеме кои сме. Но дали, всушност, во потполна и целосна смисла, знаеме кои сме?
Една мисла која е мошне важна за православното разбирање на човечката личност може да се најде во псалмите: „Длабоко е срцето“ (Пс. 63, 6). Ова значи дека човечката личност е длабока тајна. Има длабини, или ако сакате, висини во мене, кои многу малку ги разбирам.
Кој сум јас? Одговорот не е воопшто очигледен. Доменот на мојата личност како човечко битие е поголем од просторот и времето. И навистина, таа досегнува преку просторот, во бесконечноста, и преку времето, во вечноста. Нашата човечка личност е создадена, но го пречекорува редот на созданијата. Јас сум повикан да бидам „учесник во Божјата природа“, како што вели св. ап. Петар во неговото второ послание. Повикан сум сум да земам удел, да речеме така, во несоздадените енергии на живиот Бог. Нашиот призив како луѓе е теозисот, обожувањето. Како што вели св. Василиј Велики, „Човекот е создаден за да биде (да постане) Бог“.
Се сеќавам на приказната со Падот на почетокот од книгата Битие, на ветувањето на змијата, која на Ева ѝ вели: „Ќе станете како богови“. Иронијата се крие во тоа што токму таква била божјата намера. Луѓето навистина биле повикани за божествен живот. Но, Падот се состои во фактот што Адам и Ева своеволно посегнале кон она што Бог, во свое време и на свој начин, би им го доделил како дар.
Границите на нашата личност се навистина далекусежни. Треба да имаме еден динамичен поглед на она што значи да се биде личност. На нашата личносност не треба да гледаме како на нешто непроменливо. Да се биде личност, значи да се расте. Да се патува. А ова патување е патување без граници, кое вечно се протега нанапред, се протега дури до небесата. Некои луѓе имаат една идеја за рајот како за место каде што човекот не прави ништо. Секако, тие се лажат. Секако, во рајот ние ќе продолжиме да се усовршуваме, по Божја милост, од слава во слава. Рајот е крај без крај.
Св. Иринеј (Лионски) забележува дека „дури и во светот што доаѓа Бог секогаш ќе има нешто за да нè поучи, а ние секогаш ќе имаме нешто ново да научиме“. Дури ни во рајот, ние никогаш нема да можеме на Бога да Му речеме „Се повторуваш Себеси. Сè што имаше да се чуе, чувме“. Напротив, рајот значи продолжено восхитување и бескрајно откривање. Да го цитирам Џ.Р.Р. Толкин од неговата „Дружина на прстените“, „Патот засекогаш продолжува“.
Постои една конкретна причина за оваа таинствена и неопфатлива нарав на човечката личност. А таа причина ни е дадена преку св. Григориј Нисиски, кој творел во четвртиот век. Тој вели: „Бог е тајна (која се наоѓа) над секое разбирање“. Ние, луѓето, сме создадени според Божјиот образ. Овој образ треба да ги пресоздаде својствата на Архетипот, на Првоначалниот. Ако Бог е над разбирањето, тогаш на истиот начин, човекот којшто е создаден според образот Божји, е над разбирањето. Токму затоа што Бог е тајна, и јас, исто така, сум тајна.
Спомнувајќи го образот (иконата), дојдовме до најважниот чинител на нашата човечност. Кој сум јас? Како човечка личност, јас сум создаден според образот Божји. Тоа е најзначајниот и најосновниот чинител поврзан со мојата личност. Ние сме Божји живи образи. Секој еден од нас претставува создаден израз на Божјиот бескраен и несоздаден израз. Ова значи дека е невозможно да се разбере човечката личност разделно од Бога. Луѓето оддалечени од Бога веќе не се вистинити луѓе. Тие се подлуѓе.
Ако ја загубиме смислата за божественото, подеднакво ја губиме смислата за човечкото. A ова може јасно да го согледаме преку приказната, на пример, за советскиот комунизам, од седумдесетте години што ѝ следеа на Револуцијата од 1917 година. Советскиот комунизам се обидуваше да воспостави едно општество во коешто постоењето на Бога ќе беше одбиено, а служењето на Бога ќе беше потиснато или отстрането. Истовремено, советскиот комунизам покажа една грозна непочит кон достоинството на човечката личност. Овие две нешта одат заедно. Оној кој сведочи за човекот, и за Бога сведочи. Оној кој Бога Го одрекува, ја одрекува и човечката личност.
Без спомнување на божественото, човекот не може да биде правилно сфатен. Човечкото битие не е самостојно, не е затворено во себе. Јас не ја содржам мојата смисла внатре во мене. Како личност според образот Божји, јас секогаш покажувам надвор од себе, кон божествената стварност.
Се сеќавам на една посета, од моите студентски денови во Оксфорд, на архимандритот Софрониј, ученикот на св. Силуан Светогорски. Тој говореше за православието, и по неговото предавање следеше разговор. Кон крајот, претседавачот (на предавањето) рече: „Имаме време за само уште едно прашање“. Стана некој од публиката и праша, „Отец Софрониј, ве молам кажете ми што е Бог?“. Отец Софрониј му одговори кратко: „Кажете ми што е човекот?“. Бог и човекот се две меѓусебно поврзани тајни, и ниту една од нив не може да биде разбрана без другата. Ние можеме да бидеме сфатени единствено преку нашиот однос со божественото.
И пак, да помислиме на нешто друго. „Според образот Божји“ значи според образот Троичен. Како што вели св. Григориј Богослов, „Кога велам Бог, мислам на Отецот, Синот и Светиот Дух“. Тоа христијаните го подразбираат како Бог. Ние не Го разбираме Бога како серија на апстракции. Бога Го разбираме како Три Личности. А тоа може да се види (и) од Символот на верата. Символот на верата го започнуваме велејќи „Верувам во Единиот Бог“. И не продолжуваме велејќи „Koj e неподвижен двигател, кој е начална стварност, кој е основа на битието“. Ова е начинот на којшто зборуваат современите богослови. Но, во Символот велиме „Верувам во Единиот Бог… Отецот, Синот и Светиот Дух“. Продолжуваме, да речеме така, во определени личносни поими.
За нас, Бог е Троица. И, доколку ние сме создадени според образот Божји, ние сме (создадени) според образот на Троединиот Бог. Што ова значи за тоа како ја разбираме нашата личност? Да помислиме прво на Троица, а потоа на нас.
„Бог е љубов“, објавува св. Јован (Богослов) во неговото прво послание, па продолжува: „Во љубовта страв нема, а совршената љубов го пади стравот“. Во вистинската љубов нема посебност, нема љубомора. Вистинската љубов е отворена, а не затворена. Бог е љубов. Нема страв во љубовта. Така, Бог не е љубов за само една личност. Бог не е себељубие, љубов насочена кон себе. Бог не е затворена единка. Бог не е единка, туку заедница. Бог е љубов, љубов што се споделува, заедничка љубов на Трите Ипостаси.
Кога Кападокиските Отци во четвртиот век богословеле, еден од главните термини што го користеле бил кинониа (κοινωνία), што значи заедница, однос, соучество. Како што вели св. Василиј во неговото дело „За Духот Свет“, „Единството на Божеството лежи во заедницата, односот на Испостасите“. Значи, токму ова го вели учењето за Света Троица: Бог е љубов што се споделува, не себељубие. Бог е отвореност, споделување, еднодушност, себепринесување.
Сега треба да го примениме сето ова врз луѓето, создадени според образот Божји. „Бог е љубов“, вели св. ап. Јован. И великиот англиски поет од 18. век, Вилијам Блејк, вели „Човекот е љубов“. Бог е љубов, не себељубие, туку љубов што се споделува; тогаш, истото важи и за човекот. Бог е кинониа, однос, заедница. Така и човекот го носи овој Троичен образ. Бог е отвореност, заедница, соучество, себедарување. Истото важи и за човекот кој живее на Троичен начин според Божјиот образ.
Има една мошне полезна книга од еден британски философ, Џон Макмуреј (John Macmurray), насловена „Личности во заедница“, објавена во 1961 година. Макмуреј инсистира на тезата дека односот ја раѓа личноста. Тој тврди дека не постои вистинска личност доколку не постојат барем две личности кои меѓусебно општат. Со други зборови, потребен си ми ти, за јас да бидам јас. Сето ова е така зашто Бог е Троица. Од ова следува дека обележје на човекот не е „јас“, туку „ние“. Доколку постојано велиме „јас, јас, јас“, тогаш не ја остваруваме нашата вистинска личносност. Ова е изразено во поемата „Наполеон“ на Волтер де ла Мар (Walter de la Mare):
Што е светот, еј војници?
Светот сум јас.
Јас, овој непрестаен снег,
ова северно небо;
Војници, оваа самотност
низ која минуваме
сум јас.
Без оглед на тоа дали историскиот Наполен бил навистина ваков или не, поентата на де ла Мар сигурно е точна. Себичноста завршува со ладност, одвоеност. Таа е пустина. Не попусто во Господовата молитва, урнекот на молитва што Бог ни го даде, и којшто нè учи какви треба да бидеме, зборот „нам“ се појавува пет пати, зборот „наш“ – три, зборот „ние“ еднаш*. Но, никаде во Господовата молитва не се сретнуваат зборовите „мене“, или „мој“, или „Јас“.
Во почетоците на ерата на современата философија во раниот седумнаесетти век, философот Декарт ја кажа својата позната изрека, „Cogito ergo sum” – „Мислам, значи постојам“. Следувајќи му на овој образец, голем дел од расправите за човечката личносност оттогаш се развивале околу идејата на самосвеста, самосвесноста. Но, овој образец наидува на потешкотии поради тоа што (во себе) не го внесува елементот на однос. И така, наместо да велиме „Cogito ergo sum“, зар не треба ние, христијаните, да велиме „Amo ergo sum”, „Љубам, значи постојам?“. И уште повеќе, зар не треба да велиме “Amor ergo sum”, „Љубен сум, значи постојам“?
Една современа поема која особено ја сакам, (напишана) од англиската поетеса Кетлин Рајн (Kathleen Raine), го носи токму ова име, „Amo ergo sum”. Дозволете да пренесам неколку стихови:
Зашто љубам
сонцето ги излева своите зраци на живо злато
го излева своето злато и сребро врз морето.
Зашто љубам
папратот зеленее, зеленее и тревата, зеленеат
и прозрачните дрвја, огреани од сонцето.
Зашто љубам
саноќ реката се слева во мојот сон,
мирјади створови спијат во моите раце,
спијат будни, а теченијата сопираат.
Ова е клучот за бивањето личност според образот Троичен. Не изолираната самосвесност, туку општењето во заедничка љубов. Според зборовите на великиот романски богослов, отец Димитри Станилое, „сè додека не сум љубен, јас не можам да се разберам себеси“.
Тогаш, ако размислуваме за божествениот образ, не треба да мислиме единствено на вертикалното пространство на нашето бивање по образот Божји; треба исто така да размислиме за Троичната следственост, што значи дека овој образ има и хоризонтално пространство, (кое се гледа во) општењето со моите собраќа, солуѓе. Можеби најдобрата одредба за човечкото животно е „суштество способно за взаемна љубов според образот Божји Троичен“.
Еве ја сржта на нашата личносност: сопребивањето, сместувањето во другите.
Она што Христос го кажува во Неговата молитва кон Отецот на Последната Вечера е мошне важно за нашето разбирање на личносноста, секако: „за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Јн. 17, 21). Токму така. Взаемната љубов на трите Божји Ипостаси е образец за нашата човечка личносност. Ова е витално за нашето спасение. Тука, на земјата, сме за во времето да ја пресоздадеме љубовта која ќе премине во вечноста на Отецот, Синот и Светиот Дух.
Митрополит Калист Вер
—
Ова важи за Господовата молитва на англиски јазик. Во Господовата молитва на македонски, имаме слична состојба: зборот „наш/наши/нашите“ се среќава 4 пати, кратките форми „нè/ни“ исто така 4, а зборот „ние“ еднаш.