Магизмот не е ништо друго освен користење на тајни сили за достигнување на конкретни цели. Еднаш одамна јас ви раскажував за тоа кога се појавил магизмот. Еве го библиското кажување за искушувањето на Адам и Ева: Господ го создал човекот и го повикал кон совршенство. Он го повикал кон бескрајно совршенство. Он го вложил во него тој стремеж кон уподобување, кон обожување преку внатрешно совршенство. Доаѓа ѓаволот, се обраќа кон првиот човек, и вели: „Јади од овој забранет плод и ќе бидете, ти и твојата жена, како богови“.
Бог предлага пат на обожување и ѓаволот предлага пат на обожување, но помеѓу нив има огромна разлика. Бог предлага целта да се постигне преку усовршување, преку подвиг, преку напрегање на силите, преку образување (образование), преку реализирање на својот образ, а ѓаволот преку фокус, преку манипулација: „Јади од дрвото на познание на доброто и злото и ќе бидеш како бог, не се потребни никакви усилија, никаква борба, никаков подвиг, зошто е тоа потребно? Јади и ќе бидеш исто таков“. На тоа е изградено целото маѓепсништво, целата магија, тоа е во основа на целата магиска идеја за достигнување на целите. Какви? Духовни цели, без духовно совршенство. И ние знаеме дека многу луѓе денес се соблазнуваат од таа маса на предлози, со кои кон нив се обраќаат разни маѓепсници, екстрасенси. Бог знае кој сѐ не предлага таков пат и често по него одат луѓе склони кон тоа да се оди по религиозен пат, затоа што првиот пат на совршенство, достигнување на спасение преку совршенство – тоа е религиозен пат, тој предполага врска на човекот со Бога, а магискиот пат таква врска воопшто не предлага.
Но, има и друг пат по кој што одат луѓе кои се далеку од религијата и од магизмот. Тоа е нерелигиозниот пат, агностичкиот. Агностик, неверник, кој се откажува да знае нешто за Бога. Тој ја гледа целта на својот живот во достигнување на среќата сега, во овој момент и совршено не го интересираат некои други перспективи. Сега, во овој момент да се биде среќен. А што значи да се биде среќен во овој момент? Тоа значи да се чувствува некој комфор на телото, да се живее комфорно, да се живее убаво сега. Никакво совршенство не се бара, се бара понекогаш само воспитување на разумот, добивање на професионални навики, за преку тоа образование да се добие достапност кон поголеми богатства, а воопшто никаков друг подвиг не се бара, никакво напрегање, никакво духовно растење, треба само така да се устроиш во животот, за колку што можеш повеќе да употребуваш, колку што можеш повеќе да имаш. Тоа (се гледа) и совршенство, искачување по кариерната скала, зголемување на материјалната благосостојба, зголемување на списокот на употребување. Ако обрнеме внимание на тоа кон што нас денес нé повикува современата цивилизација преку телевизијата, преку рекламите, преку модните списанија, на многу други начини и средства – тоа е третиот пат, но ни вториот ни третиот пат не водат кон среќа, затоа што тие не водат кон спасение.
Кон спасение човекот го води само еден пат, кој што предполага врска на човекот со Бога, затоа што Бог е извор на животот, Бог е Создател на битието и без Него не можете ништо да направите, како што вели Словото Божјо: „без Мене не можете ништо да направите„, сé што правите без Мене – тоа е вртлог, тоа е бесовска игра, тоа е трчање подобно на верверичка во тркало, тоа е отсуство на секоја перспектива, тоа е отсуство на животна перспектива на човечката личност и на целата човечка цивилизација и во таа смисла патот на магизмот и патот на агностицизмот се безбожни. Тоа е пат никаде, и колку е важно луѓето тоа да го осознаат, почувствуваат, го примат со своето срце, затоа што тогаш ние ќе живееме во цивилизација способна да живее, ние ќе имаме перспектива.
Кирил, Митрополит Смоленски и Калининградски
Извор: Тавор бр. 2