Од мирната посета на Москва и Санкт Петербург на Митрополитот Тихон

"Од мирната посета на Москва и Санкт Петербург на Митрополитот Тихон"

На покана на Свјатејшиот Руски и Московски Патријарх Кирил, официјална делегација на Православната Црква на Америка, предводена од Митрополитот Американско-канадски и Архиепископ Вашингтонски г.г. Тихон, се наоѓа во мирна посета на Руската Црква (2-10 декември). Покрај г. Тихон, членови на делегацијата се и Неговото Преосвештенство, Епископ на Толедо г. Александар, протојереите Леонид Кишковски, Јован Џилионс, Назариј Полатаико и Ерик Тоси, протоѓакон Јосиф Матусијак, г. Роман Осташ и г-ѓа Мелани Ринга. Делегацијата е придружена и од Неговото Преосвештенство, Епископ на Наро-Фомминск г. Јован и Неговото Високопреподобие, архимандритот Александар Пихач.

Делегацијата пристигнала во Москва на 2 декември, каде што била пречекана од Неговото Високопреосвештенство, Волоколамскиот Митрополит г. Иларион и бројното свештенство од Руската Црква.

Следниот ден, 3 декември, Митрополитот Тихон го посетил ставропигијалниот манастир на Покровот Богородичен во Москва, каде што бил пречекан од игуманијата Теофанија и сестринството на манастирот. Истиот ден, претстојателите на двете помесни Цркви се сретнале во Свето-Даниловиот манастир во Москва, каде што најпрво произнеле поздравни слова, а потоа ги разгледале актуелните прашања од билатералните односи и состојбите во православната екумена.

Вечерта на 3 декември Митрополитот и делегацијата на ПЦА оствариле средба и со американскиот амбасадор во Москва, Н.Е. г. Џон Тефт.

На 4 декември, на празникот Воведение на Пресвета Богородица и 97-годишнината од востоличувањето на св. Тихон Московски, поглаварите отслужиле Божествена Архиерејска Литургија во Патријаршискиот соборен Благовештенски храм во Кремлин. На Литургијата, Митрополитот Тихон говорел за тесните историски врски меѓу Православната Црква на Америка и Руската Православна Црква, и ја изразил својата благодарност поради благословот „служејќи во олтарот заедно, на Бога да Му ги принесеме и Русија и Америка.“ Истиот ден, делегацијата го посетила ставропигијалниот Донски манастир, каде што Митрополитот Тихон се поклонил пред чесните мошти на неговиот небесен покровител, св. Тихон Московски.

На 6 декември Митрополитот ја посетил државната галерија „Павел Третјаков“ и црквата на св. Никола, каде што отслужил благодарствен молебен пред Владимирската чудотворна икона на Мајката Божја.

Следниот ден, Митрополитот отслужил Божествена Литургија во Екатеринската црква во подворјето на Православата Црква на Америка во Москва, во сослужение на Толедскиот епископ г. Александар и Наро-Фоминскиот г. Јован. Богослужението се одвивало на англиски и црковнословенски јазик, а на богослужбата бил присутен и канадскиот амбасадор. Митрополитот Тихон се обратил пред присутните, говорејќи за немирите во Украина, нагласувајќи дека Црквата е над политиката и световните конфликти.

Во попладневните часови на 7 декември делегацијата отпатувала во Санкт Петербург, каде што била пречекана од Митрополитот Петербуршки г. Варсонуфиј и Епископот Кронштадтски г. Назариј. Според официјалниот распоред, се очекува делегацијата да го посети Исакиевскиот собор, Воскресенскиот храм, Свето-Троицко Александро-Невската лавра и меморијалниот кварт на св. Јован Кронштадтски.

Извор: Православна Црква на Америка, Московска Патријаршија