Мироточи икона на св. архангел Михаил во Грција

"Мироточи икона на св. архангел Михаил во Грција"

На оддалеченост од неколку километри од градот Трикале, во сенката на светите карпи во околината на Метеорите, луѓето сведочат потресно чудо: дрвото на кое е насликана иконата на св. Архангел Михаил, живописана пред само пет години од иконописецот о. Панајотис Певкис, мироточи капки со благоухано миро кое на чудесен начин не ѝ штети на иконата, соопштува грчкиот портал Ромфеа.

Здогледувајќи ги овие капки, свештеникот-иконописец почувствувал голем страв, и веднаш се помолил на Бога. На почетокот тој никому не кажал за чудото, стравувајќи дека луѓето погрешно ќе ја сфатат, како што вели тој, „пораката“ од Бога.

– Светата икона на Архангел Михаил што ја насликав е прецизна копија на иконата од школата Хрисолор. Работата на неа заврши пред пет години . Се зачудив кога во еден момент видов дека од дрвото на иконата започна да истекува миро. Се прекрстив, и со парче памук ги избришав капките, плашејќи се дека тие ќе ѝ наштетат на иконата. Едноставно, тогаш на ништо не мислев. Но, маслената течност продолжи да тече, ширејќи мирис сличен на оној на маслото за кандило. Најинтересно е што мирото не им штети на боите од иконата – раскажал отец Панајотис за магазинот „Православна вистина“.

Како што тој посведочил, наскоро капките започнале да се појавуваат на различни места на иконата: „Еднаш мирото истекува од ликот на архангел Михаил, друг пат од неговата рака, секојпат од различни точки. Јас не можам да го објаснам овој таинствен и чудесен феномен, и сметам дека се работи за Божјо знамение. Замолив еден хемичар да ми го каже неговото мислење, но тој не можеше да ми даде конкретно објаснување.“

Свештеникот, исто така, објаснил дека дрвото на кое е насликана иконата е старо 200 години: „Тоа е специјално исушен јавор кој не може да содржи смола како, на пример, борот, и затоа не можам да сфатам како од него излегува масло“.

Доколку мироточењето продолжи и понатаму, иконописецот изјавил дека ќе се обрати до специјалистите. Според него, ваквата појава со иконата претставува знамение со кое Господ сака да му ја засили верата, а не чудо.

Извор: Православие.ру