На 9 август 2015 г., на празникот на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, Волоколамскиот митрополит Иларион, претседател на Одделот за надворешни црковни односи (ОНЦО) на Московската Патријаршија отслужил Божествена Литургија во црквата на Богородичната икона „Радост на сите нажалени“ во Москва. По Литургијата, Воколокамскиот владика се обратил кон собраниот народ со татковска беседа посветена на моќта на верата во која, меѓу другото, истакнал:
– Верата, тоа не е само едно убедување дека Бог постои и дека Он е милостив. Верата е начин на живеење, и Божјото присуство во животот на еден човек треба да се види според неговото поведение, како тој живее, како се моли, пости и ги пази заповедите… Ако човек верува, но не се моли, тоа значи дека неговата вера е сува, ладна и чисто разумна. Овој вид на вера не може да влијае врз неговиот живот и да го исполни со значење. Единствено кога човек ќе застане пред Бога во молитва, и ќе го слушне Неговиот одговор, само тогаш може да се воспостави заедница со Бога, која не може да се оствари на ниту еден друг начин.
– Бог не е само апстрактен принцип, како што мислат некои, па велат: „Има некаква добра сила што делува во светот.“ Да, постои таква сила, и ние ја нарекуваме Бог. И Бог не е само сила, туку и личност, и како личност Тој сака да заедничари со нашите човечки личности. Тој чека за ние да се обратиме кон Него во молитва, и ако побараме со вера, Господ ќе ни даде онака као што Самиот ни ветил дека ќе стори.
Митрополитот Иларион исто така говорел за молитвата и постот како едноставни правила, а кои секогаш даваат резултат: „Секој ден треба да го почнеме и завршиме со молитва. Треба да Му се молиме на Бога за неговиот благослов пред секоја задача што треба да ја извршиме, и секој наш чекор треба да биде воден од Божјата волја… Преку молитвата и постот нашата вера се пријавува и преку неа Господ ги подготвува нашите души за да ја примат Неговата благодат.“
На крајот, владиката Иларион завршил: „Да просиме од Господа крепка вера и послушание кон Неговата Света Црква, за Тој да нè научи да се молиме и да ни помогне да го исполниме подвигот на постот, и – доколку нè стигне некаква телесна болест – да се исцелиме по Неговата милост и по молитвите на светиот великомаченик Пантелејмон. Амин.“
Извор: ОНЦО