Претседателот на Одделот за надворешни црковни работи на Московската Патријаршија, Митрополитот г. д-р Иларион (Алфеев) во текст објавен во „Росискаја газета“ ја изразил својата загриженост поради моменталната меѓународна ситуација, тврдејќи дека светот се наоѓа на само чекор од нова глобална војна.
– Моменталната ситуација сè повеќе заликува на периодот пред Првата светска војна. Вестите што ги слушаме секојдневно звучат како извештаи од фронт, се јавува за сè повеќе и повеќе жртви. Да, досега конфликтите беа локални, но веќе цели држави и воени блокови се вовлекуваат во милитарна реторика, – се вели, меѓу другото, во објавената статија на владиката.
Според него, поларизацијата достигнала критична точка: „Различни држави создадоа и одржуваат, преку средствата за масовно информирање, една слика на непријател. А тоа е само еден чекор пред објавување на глобална војна“.
Рускиот јерарх пишува дека главната лекција од двете светски војни се состои во тоа што во нив немало победници.
– Одбележувањето на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна тешко дека ќе одекне во меѓународната јавност. Некои места ќе изградат споменици на нивните херои, други ќе ги исчистат меморијалните гробишта, а на други места ќе се одржат некакви манифестации. Но, дали годишнината од војната ќе биде повод за преиспитување на глобалните последици? Дали исходот од двете светски војни ќе биде лекција за светските лидери од кои зависи тоа дали ќе започне Трета светска војна или не? – запрашал тој во објавената колумна.
Според него, светските лидери веќе ја искористиле несреќата со малезискиот авион за меѓусебни обвинувања, „гласни политички изјави и повици за одмазда и казна. Исто како и пред 100 години, кога пукањето на еден српски терорист во Австро-Унгарскиот престолонаследник довело до војна. Како светските сили да чекале да се случи тоа за да започнат со глобален колеж“.
Извор: Интерфакс