На 5-ти и 6-ти февруари годинава Митрополитот Волоколамски г. Иларион одржал предавање на универзитетите во Винчестер и Кембриџ на тема: „Има ли иднина за екуменизмот?“ Во воведниот дел од предавањето, претседателот на Одделот за надворешни црковни работи на Московската Патријаршија накусо се осврнал на историско-литургискиот аспект на Црквата и нејзината мисија, посочувајќи го делото на св. апостол Павле како пресудно за ширењето на благовестието надвор од Израилот.
Понатаму во неговото излагање, тој го разгледал проблемот на појава на поделби во Црквата, кои најчесто се генерираат од две причини: како прво, од погрешно учење и исповедање на верата, односно ерес, и како такви најостро се осудуваат од Црквата; и, како второ, поради терминолошки и политички причини, лични несогласувања меѓу различни јерарси или поради територијални спорови, шизми кои со одредени дипломатски напори од Црквата и државата порано или подоцна биле надминувани.
Митрополитот посочил три големи шизми во историјата на Црквата: првата, од времето на Четвртиот вселенски собор (V век), кога ориенталните цркви одбиле да го прифатат исповедањето од овој вселенски собор со што десетици милиони христијани отпаднале од телото на Црквата. Втората и најпозната, од 1054 година, која според Високопреосветениот Митрополит била „не толку од догматски, колку што била од црковно-административен карактер“, со што дошло до голема поделба меѓу Западот и Истокот; и третата, не малку поважна од првите две, Реформацијата од 1517 година, која се случила на Западот, со што се отворил патот за создавање на многубројни деноминации и заедници кои дополнително се отклониле од догматското учење на Црквата.
Од историска перспектива, предавањето се префрлило на современото екуменистичко искуство: Светскиот собор на црквите, дијалогот со англиканците, радикалниот секуларизам и женското свештенство, за на крај да заврши со повторување на насловот на предавањето во вид на реторско прашање:
– И така, дали екуменизмот има иднина? Би сакал прашањето да остане отворено. Христијаните нека си го поставуваат ова прашање сè почесто, напомнувајќи си за големата одговорност што Христос им ја доверил. Задачата за воспоставување на единството секогаш ќе биде целта кон која Црквите и заедниците мора да се стремат. Сепак, истовремено мораме да помниме дека постигнувањето на ова единство е возможно не преку отфрлање на основните норми на христијанскиот морал, не преку прилагодување на општествените текови и вечноменливито општествено устројство, туку возможно е единствено врз основа на божествено откриената вистина која се одразува на страниците од Светото Писмо. Немаме друго учење, ниту пак може да има друго, „зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос“ (1Кор. 3,11).
Извор: Оддел за надворешни црковни работи на Московската Патријаршија