На 12 ноември 2013, Волокамскиот Митрополит г. Иларион, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, во Ватикан оствари средба со Папата Франциско.
На состанокот биле разгледани различни аспекти од Православно-католичките односи, како и моменталната состојба на Христијаните на Средниот Исток. Митрополитот ги споделил сознанијата што ги добил при неговата неодамнешна посета на Либан, потенцирајќи дека Христијаните во таа земја стравуваат за својата иднина. Папата Франциско и Митрополитот Иларион се согласиле дека е неопходно заедничко залагање од христијанските Цркви за заштита на христијанското население во Сирија, кадешто не престанува вооружениот конфликт. Волокамскиот Митрополит му се заблагодарил на Папата за неговото лично залагање во помагањето на сириските христијани.
И двајцата нагласиле дека одржувањето на традиционалните семејни вредности кои се на удар од приврзаниците на секуларистичката идеологија е важен аспект од соработката меѓу Московската Патријаршија и Светата столица. За тоа сведочи и одржувањето на конференција на тема „Православните и католиците во заедничка одбрана на семејството“, поддржана и од двете страни.
На крајот од средбата, Митрополитот Иларион на Папата му го подарил првиот том од неговата книга „Православие“, преведен на италијански јазик. Од негова страна, пак, Папата на руската делегација ѝ подарил медал искован во чест на годишнината од неговиот Понтификат.
Извор: Mospat.ru