Митрополит

MitropolitGrigorijМитрополитот Григориј (Настески) (B.S.I.M., M.Ec., D.B.A., D.Th.) е Македонец, роден на 16 јануари 1978 год. во Прилеп, од татко Љубомир и од мајка Ристана.

Основно и средно училиште завршил во родниот град, со одличен успех.

По завршувањето на средното училиште, во 1996 год., се запишал на „Технички факултет“ ‒ Битола, на Факултетот за Индустриски менаџмент. Дипломирал во ноември 2001 год.

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, на „Економскиот институт“ се запишува веднаш по дипломирањето. Магистрирал во декември 2003 год.

Веднаш по магистрирањето се запишува на докторски студии на „Институтот за социолошки и политичко‒правни истражувања“ во Скопје, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“– Скопје, на Катедрата за стратегиски менаџмент. Докторирал во 2005 год.

Во 2004 год. запишува постдипломски студии на Богословскиот факултет, на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ ‒ Софија. Успешно ги завршува испитите од постдипломските студии, а во 2012 год. докторира.

Метанија за искушеник полага во декември 2003 год., а во чин ипоѓакон ракопроизведен е во мај 2004 год.

Во 2005 год., кога Црквата го слави споменот на Свети Григориј Палама, е замонашен во чинот мала схима од митрополитот г. Наум, во манастирот Свети Леонтиј во Водоча ‒ Струмица. Истата година од митрополитот г. Наум е ракоположен во чин јероѓакон.

Во чин јеромонах е ракоположен на 10.02.2006 година (преподобен Ефрем Сирин и преподобен Исак Сирин). Исто така, живеел како собрат и во општежителниот манастир Свети Георгиј и Свети Антониј Велики во Ново Село ‒ Струмица.

Во август 2007 год., заедно со јеромонахот Јосиф, добиваат канонски прием од Архиепископот г. Стефан, како клирици во Скопската епархија, набрзо потоа двајцата се поставени во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Калишта ‒ Струга.

Јеромонахот Григориј во јануари 2015 год. добива канонски прием во Кумановско‒осоговската епархија. Веднаш по доаѓањето во Епархијата, надлежниот митрополит Кумановско‒осоговски г. д‒р Јосиф го поставува за свој архијерејски заменик.

На 7 август 2015 година, кога се слави Успението на света Ана, во манастирот на Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка, од митрополитот Кумановско‒осоговски г. д‒р Јосиф е произведен во чин игумен. Оттогаш, па сè до неговата интронизација за митрополит Кумановско – осоговски, живеел во манастирот.

Со Одлука, САС бр.197, на Светиот Архиерејски Синод (САС) на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, во 2016 год. е избран за архимандрит. На славата на митрополитскиот соборен храм Свети Никола, 19.12.2016 год., во Куманово, митрополитот г. Јосиф го одликува игуменот Григориј (Настески) со чин архимандрит.

На 21 мај 2020 год. САС на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија го избра Неговото Високопреподобие архимандрит г. Григориј (Настески), игумен на манастирот Свети Јоаким Осоговски, за Епископ Сарандопорски, Одлука, САС бр.65 од 22.05.2020 год, а на истата Седница САС, со Одлука бр.77, го избира и назначува за надлежен епархиски архијереј на Кумановско‒осоговската епархија на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија.

Автор е на две книги. Првата, којашто од печат излезе во 2017 год., со наслов „Благобитие“, и втората, во коавторство со митрополитот г. Јосиф, којашто излезе од печат во 2018 год., со наслов „Автокефалноста на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија (интракохезијални предразговори за долгорочноста на nominatio auctoris на правниот сукцесор на Охридската Архиепископија ‒ македонската православна црква).“

Напишал 15‒тина статии од областа на богословието и теолошките науки, во неколку весници, како и повеќе предговори на книги во издание на Кумановско‒осоговската епархија. Негови позначајни статии од областа на Црковното право се: „Супрематијата е невралгична точка во Православието“, „Симплификација на добро дефиниран ʽпроблемʼ на пречките за автокефалност на Македонската Православна Црква‒Охридска Архиепископија. Дијагноза на ʽпроблемотʼ.“ и „Знаеме кои сме, само кога знаеме кои не сме, и често само кога знаеме против кого сме“.