Митрополитот Иларион Алфеев го посети Вселенскиот Патријарх

"Митрополитот Иларион Алфеев го посети Вселенскиот Патријарх"

На 5 и 6 јули Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот волоколамски Иларион, претседател на Одделот за надворешни црковни односи (ОНЦО) на Московската Патријаршија, по благослов на Свјатејшиот Патријарх Кирил бил во посета на Истанбул. На 6 јули го посетил Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во патријаршиската резиденција во Фанар. На средбата присуствувале и Митрополитот француски Имануил, Архимандритот Вартоломеј Самарас, секретар на САС на Константинополската Црква, неговиот заменик – ѓаконот Јоаким Билис, како и ѓаконот Теодор Шулга, секретар за меѓу-православни односи во ОНЦО.

Пред средбата, претседателот на ОНЦО се поклонил пред моштите на светите три Jерарси, Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, кои од пред неколку години се вратени во Патријаршиската црква на св. Георгиј.

Владиката Иларион на Патријархот Вартоломеј му ги пренел срдечните поздрави од Московскиот Патријарх. Патријархот возвратил на поздравите, посакувајќи му добро здравје на рускиот Првојерарх и успех во неговата напорна служба и работа.

За време на долгите разговори, и двете страни разгледале многубројни прашања поврзани со меѓуцрковната соработка насочена кон подготовките на Серавославниот собор кој би требало да се одржи во 2016 година, како и повеќе билатерални прашања поврзани со односите меѓу двете помесни Цркви. Понатаму, Волоколамскиот митрополит вниманието го свртел кон ситуацијата на Блискиот Исток, но и кон други подрачја во светот. Се разговарало и за подготовката за прославувањето на илјадолетието од руското присуство на Света Гора.

По завршувањето на разговорите, Митрополитот бил испратен на истанбулскиот аеродром од страна на Н.Е. г. А. Јерков, генерален конзул на РФ во Истанбул.

Извор: ОНЦО