На 25 мај 2015 г. во храмот на Христос Спасителот во Москва бил организиран прием на амбасадорите од словенските земји кај Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Волоколамски г. Иларион. Во разговорите учествувале амбасадорите на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Белорусија, Словачка, в.д. амбасадорите на Македонија и Хрватска, заменик-амбасадорот на Србија, како и Првиот секретар на Амбасадата на Бугарија. Од руска страна присуствувале и заменик-претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија, протојереј Николај Балашев и секретарот на Одделот за меѓународни односи г. Сергиј Звонарев.
Митрополитот Иларион ги поздравил гостите од името на Свјатејшиот Патријарх Кирил. Истакнувајќи дека средбата се совпаѓа со празнувањето на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кои многу работеле на просветувањето на словенските народи, претседателот на Одделот го скренал вниманието на неговите соговорници кон важноста од општословенското единство, зачувувањето на духовната и култира самобитност и словенскиот идентитет.
За време на средбата била разгледана и ситуацијата во Украина, како и чувањето на христијанското наследство на Блискиот Исток.
– На Блискиот Исток денес се спроведува геноцид врз христијаните. Тоа е политика која за цел го има потполното истребување на христијанското наследство во тој регион. Ние се надеваме дека христијанските држави од Источна Европа ќе ја пројават својата солидарност со христијанските жители од блискоисточниот регион, затоа што, доколку светската заедница не се здружи, за на тој начин да преовлада, на Блискиот Исток нема да остане ниту еден христијанин – загрижено истакнал Митрополитот Иларион.
Во продолжение, г. Иларион забележал дека и во Европа, која до неодамна со право можела да се нарече христијански контитент, се забележуваат обиди од страна на секуларните сили христијанството да биде одвлечено на маргините од општествениот живот, религијата да се објави за приватна работа, а во некои случаи – дури и да се забранат христијанските симболи или да се прогласат за неуставни. Според неговите зборови, овој факт предизвикува неспокој.
За време на разговорите биле слушнати и гледиштата на дипломатите, кои ја истакнале важноста од развивањето на односите меѓу словенските земји, како и улогата на христијанската вера во тие држави.
Извор: Московска Патријаршија