Киев се прости од блаженоупокоениот Митрополит Владимир

"Киев се прости од блаженоупокоениот Митрополит Владимир"

Во Светоуспенскиот храм во Киево-печерската Лавра минатата сабота (5 јули) беа изложени телесните остатоци на Поглаварот на Украинската Црква, а Местобљустителот на Киевската Катедра, Митрополитот Онуфриј отслужи заупокоена литија. Граѓаните на Киев, но и на цела Украина изминатиов викенд имаа можност за последен пат да се простат од добриот пастир кој 22 години жртвено управуваше со доверената христољубива паства.

Мноштво верници притекнуваа кон храмот со цвеќе во рацете и солзи во очите, мирно стоејќи во долгата редица пред ковчегот во кое е поставено телото на блаженоупокоениот Митрополит Владимир.

Една од верничките, Валентина, изјави: „Оваа личност низ сиот свој живот се обидуваше да го сочува она што е наше, украинско: нашите верски основи, нашата Украинска помесна Црква“.

„За нас ова е голема духовна загуба. Тој беше наш водич низ животот. Сето ова е мошне тешко. Кога утринава дознав, навистина се потресов. Тој беше една длабока личност со длабока вера и голема душа“, дополни Татјана, која исто така беше дојдена да се прости од Митрополитот.

Владимир, исто така верник, кусо изјави: „Ќе се молиме за овој човек. Треба многу да размислуваме. Денес се ретки ваквите луѓе“.

Следниот ден, во неделата, Местобљустителот на Киевската Катедра, г. Онуфриј отслужи Заупокоена Литургија, по што се одржа вонредна седница на Свештениот Синод на Украинската Црква, и се одлучи Митрополитот Владимир да биде погребен следниот ден.

Вчера (понеделник, 7.7.2014 г.), Митрополитот Онуфриј отслужи Заупокоена Литургија во сослужение на голем број Епископи од Украинската, но и другите Помесни Православни Цркви, а телото на блаженоупокоениот Митрополит Владимир беше погребено во близина на црквата на Рождество на Пресвета Богородица во Далечните пештери од Лаврата.

Извор: Правмир, Православие в Украини