Од работата на вонредниот римо-католички синод посветен на семејството

"Од работата на вонредниот римо-католички синод посветен на семејството"

Во Ватикан деновиве (од 5 до 19 октомври 2014 г.) заседава вонреден синод на римо-католички бискупи на кои се разгледуваат „особено горливи прашања, за да се дојде до соодветни насоки за делување во денешно време, за доброто на Црквата.“ Според изјавата дадена пред почетокот на овој вонреден синод од страна на кардиналот Балдисери, ова е уште еден реален чекор што новиот Папа го презема со цел „Црквата да се отвори и да мисионери по улиците на светот.“

Овој вонреден синод, според информациите, е вовед во редовниот синод закажан за октомври следната година. Во работата на синодот учествуваат 191 бискупи и кардинали од 5 континенти. Заедно со нив, свои излагања имаат и 16 експерти, 19 брачни двојки и 8 делегати од другите христијански деноминации и Православната Црква. Меѓу брачните двојки има и еден случај на мешан брак, каде што сопругот е Муслиман, а сопругата е Римо-католик. Инсистирањето на присуство и излагање на лаици, и тоа на брачни двојки кои се директно поврзани со темата на синодот е преседан во историјата на Римо-католиците, а е направен на инсистирање на Папата Франциск.

Една од двојките (Рон и Мавис Пирола), говорејќи за нивниот 55-годишен брак пред речиси 200-те бискупи, отворено зборувала за сексуалната димензија на бракот, нагласувајќи дека токму таа интимност прави бракот да се разликува од сите други видови на христијански односи. Дел од присутните бискупи јавно го поддржале нивниот говор, додавајќи дека „она за што најмалку се зборува (сексуалното општење во бракот) најчесто е најважно за опстојувањето на бракот“. Според нив, „учењето на Ватикан, предадено преку посланието Humanae Vitae од 1968 г. за сексуалните прашања често се покажува како недостижно за современиот човек.“ Истото го потврдиле и сопружниците Пирола, кои додале дека ваквите посланија „како да се од некоја друга планета: јазикот во нив е тежок, и нема врска со нашето искуство.“

Римо-католичкиот Архиепископ Мартин го надополнил нивното сведоштво, апелирајќи Ватикан да развие поинаков вид на богословска реторика, во која ќе се учи од живиот пример на современите римо-католички семејства и предизвиците со кои тие се соочуваат.

Портпаролот на Ватикан, г. Том Росик, се надоврзал на ваквите забелешки, укажувајќи дека Црквата мора да пронајде „нов јазик“ за да го објасни своето учење и да ги привлече луѓето кон себе: „Изразите како ‘живот во грев’, ‘суштински пореметен’ или ‘контрацептивен менталитет’ не нужно претставуваат зборови кои ги повикуваат луѓето да се приближат кон Христа и Црквата“. Според многумина, наспроти ваквата заостаната реторика стои денешниот Папа Франциск, кој луѓето ги привлекува со едноставноста на својот јазик и порака.

Од име на Вселенскиот Патријарх присутните делегати ги поздравил Белгискиот Митрополит, г. Атинагора, кој го пренел искуството со разводот и второбрачноста во Православната Црква, и примената на „принципот на икономија“ во однос на слабостите на луѓето. Според Високопреосветениот Митрополит „Црквата им помага на оние кои се слаби, и водена од пастирска љубов, одлучува кои канонски лекови ќе ги користи во одредени случаи, без при тоа да создава нови правила и преседани.“ Тој се осврнал и на примерот и ставот на св. Серафим Саровски во поглед на евхаристиската природа на бракот, нагласувајќи дека е нужно и брачните луѓе редовно да се причестуваат. Тој се оградил од морализмот и мешањето во интимниот живот меѓу сопружниците од страна на Црквата, нагласувајќи дека нивните односи се благословени. На крај, ја поддржал иницијативата за враќање на брачното свештенство кај Римо-католиците, посочувајќи ги примерите на неговите татко и брат, кои се брачни свештеници.

На крајот од работата, синодот ќе излезе со заклучен документ со предлози кои ќе бидат разгледани на следното редовно заседание.

Извор: News.va, Amen.gr, Novosti.rs