За поменот за упокоени

"За поменот за упокоени"

Светата Црква постојано вознесува молитви за нашите упокоени татковци и мајки, и браќа и сестри на секоја служба, а особено на Литургија. Освен тоа, светата Црква во определено време прави посебни помени за сите наши отци, мајки, браќа и сестри по вера кои се удостоиле со христијанска смрт, како и за оние кои поради изненадна смрт, Црквата не успеала преку своите молитви да ги испрати во вечен живот. Таквите помени се нарекуваат вселенски, и се совршуваат во месопусната сабота, во саботите од втората, третата и четвртата седмица од Великиот Пост, како и Духовденската и Митровденска задушница.

Освен овој заеднички помен, постои и посебен помен за секој упокоен. За помен на новопретставените, Црквата ги одредила првите четириесет дена од смртта, сметајќи дека тој број, по сведоштво од Светото Писмо, е доволен рок за очистување од гревови (1Мој. 7, 12; 4Мојс. 14, 31-34; сп. Мт. 4, 2).

Покрај тоа, од овие четириесет дена за молитва особено се посветуваат третиот ден, во спомен на Спасителот Кој по три дена Воскреснал, деветтиот ден – според желбата на Црквата духот на упокоениот да се вброи во деветте ангелски чинови и четириесеттиот ден – по старозаветниот пример на оплакување на Мојсеј во Израилот во текот на четириесет дена, но и вознесението Христово што се случило на четириесеттиот ден по Велигден. На крај, помен за упокоени се врши и една година по нивната смрт, како и на нивниот роденден и именден, затоа што сите се живи и бесмртни по духот и еднаш ќе бидат потполно обновени кога Господ ќе ги воскресне и нивните тела.

Св. Макариј Александриски еднаш ги прашал ангелите што го придружувале во пустината: „Каква корист имаат душите на упокоените од помените во третиот, деветтиот и четириесеттиот ден?“ Ангелот одговорил: „Господ не допушта ништо во Црквата Негова да биде непотребно и бескорисно, туку устроил небесни и земски тајни и ни заповедал да ги извршуваме. Кога во Црквата на третиот ден се врши помен, ангелот чувар го олеснува маките низ кои минува душата на упокоениот поради одделувањето од телото. Нејзе ѝ станува полесно поради принесувањето во Божјата Црква, и во неа се раѓа добра надеж. Тогаш душата се вознесува на небо и се поклонува пред Бога. После ова поклонување, на душата ѝ се прикажуваат пријатните населби на светиите и рајската убавина. Сето тоа душата го гледа во следните шест дена, и Го слави Бога Творецот на светот. По навршувањето на девет дена од смртта, душата повторно се поклонува пред Бога, а Владиката на сите заповеда душата да биде одведена во пеколот, и сѐ до четириесеттиот ден да ѝ бидат покажани маките низ кои минуваат душите на грешниците. Повторно, на четириесеттиот ден душата се поклонува пред Бога, и тогаш Судијата ѝ го определува местото според нејзините дела“.

Свети Теофан Затворник