Ако погледнеме наназад, на раните денови од [постоењето на] Црквата, нè восхитува моќта на новооснованите црковни заедници. И покрај фактот што народот бил прост (=едноставен) и незапознаен со Светото Писмо (зашто, ретко кој можел да поседува библиски свиток во тоа време), и покрај неискусноста на нивната вера во Христа и длабокото влијание на нивните стари, пагански обичаи, нивниот духовен живот и сведоштво на вера, љубов и ревност се добри примери за еден моќен живот заснован на евангелските совети; животите на раните христијани се еден модел за практично сфаќање на значењето на вечниот живот, Царството Божјо, живеењето преку вера, умирањето за светот, верноста кон Христа, исчекувањето на Неговото второ доаѓање и верата во воскресението. И до ден денешен ние сè уште се навраќаме на нивната вера и предание, и со потешкотии ги разбираме посланијата што ним им биле испраќани, а кои тие ги разбирале и живееле едноставно.
Тајната на сето ова е во тоа што тие живееле според она што го слушале. Секоја заповед се полагала врз верните срца кои биле подготвени искрено да делуваат. Сите Христови зборови биле длабоко врежани во ткаенината на секојдневниот живот. Евангелието било пресликано во дела и живот.
Овие едноставни луѓе го сфатиле Евангелието. Тие сфатиле дека тоа е живот што треба да се живее, а не принципи за кои треба да се расправа, и тие одбивале да го восприемат Евангелието на чисто академско ниво. До денешен ден верните Христови следбеници црпат живот за себеси од живиот извор на разбирањето на овие рани христијани…
Кога тие ќе чуеле „Блажени се бедните по дух“, тие продавале сè и парите ги положувале пред нозете на апостолите.
Кога тие ќе чуеле „Блажени се оние што плачат“, сè им омрзнувало и неуморно се ставале во служба на Господа.
Кога тие ќе чуеле „Блажени се гонетите заради правда“, тие ги поднесувале и најсуровите понижувања и навреди и напади.
Кога тие ќе чуеле „Бдеј и моли се“, тие се среќавале во катакомбите за да бдеат и да се молат цела ноќ.
Кога тие ќе чуеле „Љуби ги непријателите свои“, тие нивните глави ги приклонувале пред мечевите во смирение и послушание, а во чест на зборовите Христови. Во историјата не е забележан некаков отпор, ни добар, ни лош, од страна на христијаните кон нивните гонители.
Ова за нив било значењето на тоа да се чита и да се сфати Евангелието. Во нив била родена глад и жед за правдата Божја, и токму затоа во нив толку многу делувал Духот Свет. Он давал сила на зборот, ги зајакнувал нивните срца, ги поткрепувал во слабостите, ги водел низ темнината, ги утешувал во маките, ги придружувал по патот додека не го предаделе својот дух во слава во рацете на Создателот.
старец Мата Ел-Мескин
(монах Матеј Бедниот)