Молитви за различни потреби во текот на денот

"Молитви за различни потреби во текот на денот"

Молитва за отворање на умот, што се кажува пред читање на Светото Писмо

Господи Исусе Христе, Учителу на милоста, Те молам отвори ги очите на моето срце, за да го чујам и да го разберам словото Твое и да ја творам волјата Твоја која во него ни е откриена нам, безумните и грешни луѓе. Господи Боже, Спасителу мој, бидејќи на земјата дојде да ги најдеш паднатите и да ги спасиш, не сокривај ги од мене повеленијата Свои, зашто и јас пропаѓам во мракот на незнаењето на заповедите Твои. Отвори ги очите на умот мој за да ги разберам чудата на Твојата наука и кажи ми ја непознатата и тајна мудрост Твоја. Со светлоста на Своето знаење просвети ги мојот ум и разум, на Тебе се надевам, Боже мој, за не само да го читам и пишувам, туку и да го извршувам него. Ти се молам и, со солзи припаѓајќи, Ти повикувам: „Господи просвети ме, научи ме, вразуми ме, та светото Слово Твое и житијата на светиите Твои да ги читам не за суд, ами за обновување и просветување, за осветување и спасение на мојата душа и за наследството на вечниот живот. Амин!“

Молитва привлегување во храмот Божји

Се возвеселив кога ми рекоа: „Во домот Господов да влеземе!“ И по Твојата голема милост, Господи, ќе влезам во домот Твој и ќе се поклонам во Твојот свет храм со страв пред Тебе. Господи, упати ме на правдата Твоја, израмни го патот мој кон Тебе, поради непријателите мои, та смело да Те прославам Тебе, едниот Бог – Отецот, Синот и Духот Свет; сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Молитва при излегување од храмот Божји

Ти се поклонувам Тебе, мојот Бог и Господ, Кој со Својата благодат престојуваш во овој храм, особено преку пречистите и животворни Тајни. Пред Тебе, вистинскиот Христос, Спасителот мој, ги приклонувам колената на срцето мое. И ѝ се поклонувам и на Твојата Пренепорочна Мајка, Пречистата Владичица наша Богородица, помошничката, застапничката, покровителката и единствена надеж на моето спасение. Го почитувам светиот ангел, служителот Твој, кој секогаш го чува Твојот божествен олтар и сите Твои светии, живописани на иконите, со љубов ги целивам. Те молам, Благ мој Владико, чуј го молитвениот глас на луѓето Твои, кои се молат во Твојот свет храм. А упокоените, кои ги споменуваме во овој храм, спомни ги во Твоето небесно Царство и разреши ги нивните гревови, зашто си Добар и Човекољубив во сите векови. Амин!

Молитва пред учење

Преблаг Господи, испрати ни ја благодатта на Светиот Твој Дух, Кој ги обдарува и ги укрепува нашите душевни сили, за да внимаваме на учењето што ни се предава и да раснеме во слава Твоја, Создателу наш, за утеха на родителите наши и за полза на Црквата и татковината. Амин!

Молитва по учење

Ти благодариме, Создателу, што нè удостои со Својата благодат, за да внимаваме на учењето. Благослови ги нашите родители и учители, кои нè водат во познание на секое добро, и дај ни сила и здравје за да продолжиме со ова учење. Амин!

Молитва пред работа

Господи Исусе Христе, Единороден Сину на Беспочетниот Отец, Ти си рекол со Својата пречиста уста: „Без Мене не можете ништо да правите“. Господи мој, Господи, му верувам, со сета своја душа и срце, на реченото од Тебе и ѝ припаѓам на благоста Твоја. Помогни ми мене грешниот и ова дело, од мене започнато, Сам Ти заврши го, во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух. Амин!

Молитва поработа

Ти си исполнување на сите добрини, Христе мој, исполни ја со радост и веселие мојата душа и спаси ме, зашто си единствен Многумилостив.