Судирите меѓу демонстрантите и украинските специјални полициски единици „Беркут“ на 21 јануари беа смирени поради присуството на монаси од Киево-печерската лавра. Тие се појавиле како миротворци, не покажувајќи наклоност кон ниту една од двете завојувани страни.
Имено, според информативниот веб сајт „Православіє в Україні“ отец Гаврил, отец Мелхиседек и отец Ефрем застанале среде улицата „Грушевски“ држејќи во рацете литиен крст, икона од Воскресението и кадилница, и започнале да го пеат пасхалниот тропар „Христос воскресна од мртвите“. Тие ги повикале и двете страни да го прекинат насилството и да се покаат.
Нивната молитва продолжила во смени. Високопреподобниот Архимандрит Алимпиј, исто така присутен на молитва на киевските улици, на неговиот фејсбук профил вечерта на 21 јануари објави: „Само што се вратив назад, за да се пресоблечам и да се загреам. Брзо пишувам, затоа што до полноќ мора да се вратам на плоштадот. Од 12 часот стоев и се молев со браќата. Околу 18 часот ни се придружија и отец Георгиј и отец Виктор, Епархискиот секретар. Тие го зазедоа моето место. Благодарен сум им, затоа што вратните мускули ми се вкочанија, и потребен ми е мал одмор. Не знаете колку е важно свештенството да остане таму! Многу луѓе ни пристапија и ни се заблагодарија што се молиме среде улиците. Многу од нив беа изненадени дека ѝ припаѓаме на Московската Патријаршија“.
Отец Мелхиседек, пак, на неговиот фејсбук профил, меѓу другото посочи: „Ќе формираме човечки штит меѓу браќата што се тепаат! Нека владее мир и љубов меѓу нас! Господ да нè благослови!“.
Поради можностите за повторно засилување на немирите, вечерта на 23 јануари монасите и свештениците повторно излегоа на киевските улици, за да се помолат за одржување на примирјето, за мир и конечно прекинување на немирите.
Извори: pravmir.ru и orthodoxy.org.ua/