Крајниот рок за Христијаните да го напуштат Мосул заврши викендов, и илјадници Христијани го напуштиле градот. Откако поголемиот дел од нив излегле од градот, вооружените исламски милитанти срушиле црковен храм во припадност на Асириската Црква (Несторијанска христијанска заедница) стар 1.800 години.
Според извештаите на „Ал Арабија“, црквата била запалена во недела, по заминувањето на и онака малиот преостанат дел на Христијани во градот. Овој чин е последен од низата настани насочени кон уништување на христијански имот во Мосул.
Милитантните исламисти, кои имаат за цел воспоставување на муслиманска држава според Шеријатот, сакаат целосно да го исчистат Ирак од Христијани. Покрај потпалувањето на оваа црква, милитантите на Исламската држава го отстраниле крстот од катедралната црква на св. Ефрем, црква-седиште на Сирио-јаковитската православна архиепископија во Мосул, и на негово место го поставиле црното знаме на новосоздадената Исламска држава. Уништена е и една древна статуа на Пресвета Богородица, јавуваат дописниците на Њујорк Тајмс.
„Нè убија во моментот кога го отстранија крстот, ова е смрт за нас“, изјавил г. Газван Илија, Претседател на Здружението за халдејска култура.
Според извештаите на Би Би Си, илјадници ирачки Христијани секојдневно го напуштаат Мосул уште од јуни. Но, нивниот број се зголемил со последниот ултиматум даден од страна на предводниците на Исламската држава, кои од нив побараа да се преобратат во Ислам, или да го платат наметнатиот верски данок, или да останат и да умрат бранејќи ја својата вера.
Според Хјуманс рајтс воч, илјадниците мосулски Христијани им се придружиле на илјадниците Шиитски Муслимани и другите бегалци во соседниот автономен Курдистан.
Извор: Правмир