Московската Патријаршија не ја отфрла хипотезата за вонземно потекло на животот на Земјата

"Московската Патријаршија не ја отфрла хипотезата за вонземно потекло на животот на Земјата"

Руската православна црква признала дека органската материја пронајдена на 67P/Чурјумов-Герасименковата комета од страна на Фили (модул за слетување на леталото Розета на Европската вселенска агенција) можела да биде одговорна за зачетокот на органскиот живот на Земјата. Во интервју за новинската агенција ТАСС, протојереј Всеволод Чаплин изјавил дека е целосно возможно „Бог да го создаде светот на различни начини, меѓу кои е и оној преку органски молекули какви што постојат во кометите.“ Неговиот коментар доаѓа само два дена откако леталото на Европската вселенска агенција откри мраз и органски молекули на површината на истражуваната комета.

Изјавата е уште една потврда на позицијата на РПЦ-МП на прашања поврзани со еволуцијата, а која е прифатена од мнозинството верници на Руската Црква, со напомена дека научните теории се веродостојни сè додека истите ја признаваат Божјата вклученост и помагање во процесот на создавање на животот на Земјата.

Протојереј Всеволод забележал, исто така, дека „досега ниту оваа, и ниту другите научни теории не можеа да одговорат на голем број важни прашања околу потеклото на животот на Земјата. Поточно, науката сè уште не може да одговори какво е потеклото на самата органска материја, и дали истата е неуништлива.“ Тој додал и дека науката „не може да одговори како се појавиле различни видови и родови на животни и птици, без интервенција, од само еден организам“ и дека „не може да одговори како се појавила клетката и човечкиот разум. Науката сè уште не изнела доказ за веројатноста на независен развој на овие процеси. Не изнела доказ, и најверојатно нема ниту да може да изнесе.“

Извор: Правмир