На 13 септември годинава, Митрополитот Иларион Алфеев отслужил Божествена Литургија во црквата на богородичната икона „Радост на сите нажалени“ во Москва. На претседателот на Одделот за надворешни црковни односи (ОНЦО) на Московската Патријаршија му сослужувале претставникот на МП во Советот на Европа и настојател на парохијата на Сите Светии во Стразбур, игуменот Филип Рјабух, и црковното свештенство.
По отслужената богослужба, митрополитот се обратил пред собраниот народ со архипастирска беседа, во која говорел за десетте Божји заповеди од Стариот Завет и двете заповеди кои Господ ги издвоил како најважни од нив. „Токму на заповедта за љубовта се крепи сета човечка праведност“, изјавил Високопреосвештениот митрополит.
– Во христијанската заповед за љубов, љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот се дадени во единство. Сето она што го посакуваме за себеси, треба да им го посакуваме и на ближните; она што сакаме да го добиеме во овој живот, треба да се трудиме да им го дадеме на нашите ближни, колку што можеме. Господ нѐ повикува на нашите ближни да им ја дадеме љубовта што ја примаме од другите…
– Да се поучиме од Господа, и преку нашите животи да покажеме дека љубовта кон Бога и љубовта кон ближните се најголемите заповеди. Ако пак, како луѓе, ни недостигаат сили за ова, да Го молиме Бога да ни ја дарува оваа љубов. Господ не бара од луѓето нешто што ги надминува нивните сили. Ако просиме помош Божја, ќе можеме да ги исполниме овие заповеди. И тогаш Самиот Бог ќе ни помогне на патот кон Небесното Царство – порачал на крајот од беседата Високопреосветениот Митрополит.
Извор: ОНЦО на МП