Оваа недела (1 јуни 2014 година), седма по Пасха , во Тирана ќе се одржи осветувањето на новата катедрална црква на Воскресението Христово, од страна на неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, во сослужение со Нивните Светости, Патријархот Ерусалимски Теофил, Патријархот Српски Иринеј, Патријархот Романски Даниел, и нивните Блаженства, Архиепископот Кипарски Хризостом, Архиепископот Атински Јероним, Архиепископот Варшавски Сава и Архиепископот Тирански, Анастасиј. Во осветувањето ќе учествуваат и бројни митрополити и епископи од Александриската, Антиохиската, Московската, Бугарската и Грузиската Патријаршија.
За време на повеќегодишното прогонство на Црквата во Албанија, тоталитарниот режим има уништено голем број на цркви и манастири, а добар дел од нив биле пренаменети во магацини, работилници и културни центри. Соборната црква во центарот на Тирана во 1965 година била разурната, и на нејзиното место бил изграден петнаесеткатен хотел.
Во новиот црковен комплекс во центарот на Тирана, покрај црквата на Воскресението, е лоциран и параклис посветен на Рождеството Христово, камбанарија, како и седиштето на Свештениот Синод на Албанската православна црква. Комплексот е симбол на возобновувањето од темел на автокефалната Црква во Албанија, од 1991 година до ден денес. После осветувањето, во попладневните часови во недела ќе се одржи младински фестивал во современиот Културен центар, во близина на Соборниот храм.
Своето присуство на овој торжествен настан го најавило и албанското државно раководство: Н.Е. Претседател на Р. Албанија г. Бујар Нишани, Н.Е. Претседател на Собранието на Р. Албанија г. Илир Мета, Н. Е. Премиер на Влада на Р. Албанија г. Еди Рама и Градоначалникот на Тирана г. Љуљзим Баша, со кого претстојателите на помесните Цркви ќе се сретнат следниот ден.
Извор: Orthodoxalbania.org