Нов исламски напад врз коптската црква посветена на Пресвета Богородица и Архангел Михаил во Каиро, Египет, резултираше со четири нови христијански жртви. Според новинските агенции, поддржувачите на Муслиманското братство одржиле демонстрации низ целата земја како реакција на официјалната кандидатура на генералот Абдула Фатах ал-Сиси на претстојните претстедателски избори.
Во каирското предградие Аин Шам демонстрантите својот гнев го истуриле врз коптскиот храм посветен на Пресвета Богородица и Архангел Михаил. Една од жртвите е и Самех Марија, која била убиена во моментот додека минувала покрај храмот, а кога еден од вооружените членови на братството забележал дека има прикачено крст на ретровизорот од нејзиниот автомобил. Според очевидци, таа била сурово измачувана и понижувана пред да биде убиена. Жртва на исламистите е и една 25-годишна новинарка, исто така христијанка.
Локалните жители посочиле на фактот дека секој петок за нив е ден на умирање, алудирајќи дека секој петок, денот кога верните муслимани се собираат по џамиите на молитва и проповед, се случуваат напади врз цркви и христијани.
Епископот Рафаил, секретар на Светиот синод на Коптската православна црква го изразил своето жалење поради немилите настани, цитирајќи ги Христовите зборови од Евангелието: „Ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба“. На погребната служба на една од жртвите, тој се обратил кон новомаченичкото безживотно тело, велејќи:
„Колку среќна си, Марија, невесто Христова. Ти го раскинаа телото поради Крстот. Ти понудија најголема служба и ти подарија чесно име, име крунисано со маченички венец“.
Извор: Pravmir.ru