Како што пренесоа сите новински агенции во земјава и светот, киднапираните копти кои уште пред Нова Година се водеа за исчезнати, биле убиени од страна на либискиот огранок на т.н. „Исламска држава“. Веста за нивното свирепо убивање била објавена на Твитер: „Исламската држава ги погуби коптските затвореници во Триполи“, бил статусот под кој била објавена фотографија на 21 млади лица, облечени во портокалови униформи како клечат пред маскирани терористи кои во нивните раце држеле ножеви. Набрзо потоа била прикажана и друга фотографија на која се гледа како водите на Средоземното Море се обоени во црвено од крвта на жртвите.
Според информациите, коптите биле опишани како „посрамени следбеници на коптската црква“. Пораката што исламските терористи ја испратиле преку нивниот онлајн магазин на англиски јазик „Дабиг“ била дека погубувањето на овие млади копти било „одмазда за муслиманските жени кои се гонети од коптските крстоносци во Египет“. Официјалните гласноговорници на ИД уште еднаш повикале на убиство на сите христијани низ целиот свет, како „колективна казна“, повикувајќи се на „благословот од Аллах за првично убиените 60 христијани во Ирак“. Либиските новински агенции, пак, јавуваат дека во моментот на нивното мачеништво, многумина од младите копти го повикувале Христовото име.
Коптскиот Патријарх на Александрија Теодор (Тавардос) II отслужил заупокоена Литургија за убиените коптски христијани и повикал, наместо да се споделува видеото со грозоморното убиство, христијаните да се молат за душите на убиените, но и за нивните семејства. До него не стигнуваат пораките со сочуство и жалење поради загубата на младите христијански животи. Рускиот Патријарх, Римскиот Папа, државници од целиот свет, Советот за безбедност на ООН, Меѓупарламентарната Асемблеја на Православието, Општеството за православно христијанско единство и вера се само дел од многуте страни кои во овие тешки моменти се обратиле до Патријархот Теодор.
Аналитичарите потсетуваат дека радикализацијата на Либија следеше по убиството на Муамер Гадафи. Во државата моментално постојат две влади со две војски и различни милиции. Во состојба на вака поделеното општество, Исламската држава успеа да создаде „калифат“ во градот Дерна, и нејзините дејствија да ги прошири до Триполи и Бенгази. Околностите се такви што христијанското малцинство во Либија живее во постојан страв, а сè почести се нападите и заплашувањата во нив.
Извори: Ал Шурук, АИНА, Правмир