Не треба да се прекрстуваме механички

"Не треба да се прекрстуваме механички"

Отец Сергеј, да бидеме искрени, честопати се прекрстуваме механички, или затоа што сметаме дека во тој момент од богослужбата треба да се прекрстиме, или затоа што сме се исплашиле од нешто. Честопати се случува, кога човек за прв пат доаѓа в црква, да не знае што да прави, да не биде во можност внатрешно да се вклопи во божествената служба, и поради тоа да започне непромислено да се крсти. Ве прашуваме: на што треба да мисли еден христијанин додека го изобразува крсниот знак, односно – додека се прекрстува?

– За жал, многу нешта во црквата ги правиме механички и без да размислиме за нив, заборавајќи дека на тој начин го спречуваме нашиот духовен раст. Крстот е нашето оружје. Во најсвечената молитва кон Крстот во која велиме „Нека воскресне Бог и нека се распрснат Неговите непријатели…“, стои запишано дека Крстот ни е даруван за изгонување на секаков непријател и противник. За каков непријател станува збор? Апостол Павле, во неговото послание до Ефесјаните, пишува: „Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите“ (Ефес. 6,11-13).

Светот што Господ ни го дарувал за во него да живееме, секако, е убав. Но е потонат во грев. И самите ние сме оштетени од гревот, нашата природа е разорена од него; ова им дозволува на паднатите духови да нѐ искушуваат, измачуваат, и да нѐ водат по деструктивни патишта. Секој човек што ќе започне да живее духовен живот, по правило ќе сфати дека не може самиот себеси да се измени: човек треба да проси помош од Христа. И така, прекрстувајќи се, пред сѐ Го повикуваме Христа на помош.

Ова пак, не значи дека прекрстувањето е некаков магиски ритуал што нужно дава резултат. Крстот ја претставува Христовата љубовна жртва за нас. Прекрстувајќи се, ние сведочиме дека Неговата жртва е направена за нас, и дека Он е централната личност во нашите животи. Ова телесно, физичко движење, е истовремено и молитва на телото, учество на нашето тело во Неговиот живот: „Не знаете ли дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“ (1Кор. 6,19-20). И телото е искупено преку Христовиот Крст, исто колку и душата. Со помош на крсниот знак, ние се обидуваме да ги распнеме похотите на телото и душата. И претставува проблем доколку, поради нашата небрежност, знакот на Крстот го изобразуваме без почит.

prekrstuvanje

Тука треба да ги спомнеме зборовите на пророк Јеремија: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа“ (Јер. 48,10). Треба мошне сериозно да се прекрстуваме, со длабоки чувства. Зошто барем малку да не помислиме на Бога собирајќи ги прстите за да се прекрстиме? После сѐ, како што се прекрстуваме, ние ја исповедаме Света Троица, но и го вотелотворуваме словото во дело.

Прекрстувањето е одговорно дело: кога го изобразуваме крсниот знак, би требало да се сетиме на Крстот и Страданијата Христови, на цената што била платена за искупување на нашите гревови, на висините кон кои се искачуваме со посредство на Крстот. Крстот нѐ соединува со небесата, но и еден со друг, зашто Христос не бил распнат само за мене, туку за сите нас.

И како свештеник, и како христијанин, забележувам како луѓето кои вистински и длабоко се молат, се прекрстуваат мошне убаво. Како и зошто е ова убаво, тешко е да се каже, затоа што станува збор за духовна убавина. А, кога некој се прекрстува механички, или затоа што некој друг му рекол да го стори тоа, истото е очигледно и предизвикува сожалување. И така, би рекол, една иста работа може да посведочи различни внатрешни состојби кај една личност. Во првиот случај, тоа е плод на духовен труд, а во вториот – празнина зад самото изобразување на крсниот знак.

Протојереј Сергеј Ксенофонтов