Недела на митарот и фарисејот

"Недела на митарот и фарисејот"

На 9 февруари 2014 година, во првата подготвителна недела на Великиот Пост, во митрополитскиот соборен храм на свети Никола во Куманово, митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф отслужи света Златоустова Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, кога Црквата ја започнува подготовката за Великиот пост, ние си спомнуваме за параболата за митарот и фарисејот. Со оваа парабола Црквата не потсетува каква треба да биде нашата молитва. Црквата не потсетува за молитвата, зашто ние многу пати забораваме како треба да се молиме, а забораваме и дека треба да се молиме. А тоа е така зашто забораваме на себеси и забораваме на Бога.

Драги браќа и сестри,

Параболата од денешното свето Евангелие, која што нашиот Спасител им ја кажал на своите ученици пред две илјади години, и денес го допира нашето срце, иако е искажана толку одамна.

Параболата за митарот и фарисејот, ни говори за двете дијаметрално различни состојби во кои може да се најде секој човек. Да благодари на Бога со скрушеност, да го љуби секој човек и да ја освестува својата недостојност. Или спротивно на тоа, со вообразеност бесрамно да се фали, суетно да се издигнува и да го презира секој човек.

Светот што го живееме, толку многу застранил од вистинскиот пат, што не може да ја забележи сопствената суета. Толку многу застранил, што започнал таа суета да ја смета за многу корисна особина.

Денес, најголема трагедија е што фарисејската суета, не застанува само на себе промовирање, туку ја развива омразата кон секој човек. Фарисејската суета се развила во омраза кон секој оној што нема да ја признае нивната суетна величина. Самата омраза кон неистомислениците, се развила во нивно целосно исклучување или маргинализирање во општествениот живот. Неистомислениците се етикетираат, како луѓе кои што се против модернизацијата, луѓе што го стопираат развојот на човештвото, развој што се темели на развратот, на бришење на сите морални граници, на одрекување и секуларизирање на сѐ што е свето за секој христијанин.

Денес не само во светот, туку во секој од нас се појавува една борба, борба која што прераснала во карневал, карневал под маска. Луѓето ставаат маски и започнуваат да се однесуваат неприродно. Како ние христијаните да ја разбереме лицемерноста, освен како карневал под маски, како понижување на образот Божји што го носиме во нас. Ставаме маски и започнуваме да ги манифестираме своите скриени нагони. Ако фарисејот бесрамно се фалеше, денес ние ги сокриваме своите намери и желби. Суетата и лицемерноста станале наше секојдневие, станале наша сопствена природа. Совеста ни е замолчена и сме го заборавиле сопствениот лик – маската станала наш образ.

Драги браќа и сестри,

Нашиот живот станува неподнослив, доколку не ги симнеме сите маски од нас и не започнеме да живееме како христијани.

Ние сме повикани на борба, борба со силите и началствата од овој свет, а таа борба ќе ја добиеме само ако се наоружиме со заборавената, презрена и отфрлена христијанска добродетел – смирението. Зашто Господ од нас бара само чисто срце, искрено и отворено, свесно за својата грешност и несовршенство.

Ако сме спремни, храбро пред себеси да го признаеме сопственото несовршенство, ќе можеме да го разбереме секој човек. Ако сме спремни да ги почитуваме Божјите заповеди, ќе можеме да го почитуваме секој човек, бидејќи е создаден според образ и подобие Божјо. Само ако се покаеме за сопствените гревови, ќе можеме да им простиме на другите луѓе.

Наоѓајќи се на прагот на пролетта, кога настапува велигденскиот пост, светата Црква ни говори за смирението, покајанието, простувањето, љубовта – тоа треба да биде одлика на секој човек. Да не чекаме некое друго време, да не копнееме по минливи твари, туку да се обратиме кон Бога, да се радуваме постојано во Бога.

Никој од нас не е без гревови, а својата грешност и светителите никогаш не ја скривале, бидејќи немаме никаква корист ако го придобиеме и целиот свет со лицемерност, а на душата своја и напакостиме. Смиреноста ни е неопходна, зашто Бог е човекољубив, и како најмилостив Отец ги сака сите луѓе и сака сите да се спасат. Да ја испитуваме нашата совест за секоја наша постапка и да ја испитуваме чистотата на нашето срце постојано, за да можеме да ги отстраниме сите гревови со покајание. Секогаш да сме спремни како митарот да застанеме пред Бога, и да побараме прошка.

Возљубени во Господа,

Царството небесно е овде, уште во текот на овој живот ни се дава можност да бидеме со Бога, на секоја света Литургија ние заедничариме – се соединуваме со Бога. Да ги отфрлиме старите навики кои не оддалечуваат од Господа. Можноста која ни се дава во Црквата, да се покаеме за своите гревови, да ја искористиме за да расчистиме со стариот човек. Така обновени во бањата на покајанието, преку постот да покажеме спремност за промена и да се содинуваме со Христа.

Во деновите што доаѓаат, кога постепено ќе ни се навестува почетокот на постот, да размислуваме за својот живот, за тоа што треба да промениме, од што да се откажеме, во што да се усовршиме. Та благодатта на Пресвета Троица изобилно да ги излее своите дарови врз нас.

Само така ќе можеме достојно да се поготвуваме за големиот празник кој доаѓа на крајот на постот, кога смртта се победува, кога влегуваме во радоста Господова, радост која никогаш не престанува.

Бог, да ни дарува сили и да ги просвети нашите духовни очи, за да можеме да ја видиме радоста во невечерниот ден. Таа радост на Воскресението да биде со нас во текот на целиот живот.

Амин!