Со Божествена Литургија која започна во 10 часот по локално време денес торжествено беше прославено воспоставувањето на иконите во Неделата на Православието во Соборниот храм на светиот великомаченик Георгиј во Фанар, Истанбул. Веднаш после читањето на светото Евангелие, главниот секретар на Светиот и Свештен Синод на Цариградската Патријаршија, високопреподобниот архимандрит Вартоломеј Самарас од амвонот го прочита Посланието на поглаварите на помесните Православни Цркви, кое кон крајот на вчерашниот ден, по завршувањето на работата на Соборот, ја потпишаа присутните поглавари во Фанар.
Посланието не го потпиша Антиохискиот Патријарх Јован X, кој и не беше присутен на Соборот поради тековниот спор со Ерусалимската Патријаршија околу црковната јурисдикција на Катар. Претставниците на Антиохиската Патријаршија исто така одлучија да не сослужуваат на денешната Литургија за да покажат дека „Православното единство не се остварува во сенката на една Црква која ги погазува границите на сестринската Црква, на тој начин поништувајќи го претходно донесениот договор под водство на Неговата Светост, Вселенскиот Патријарх“, како што се вели во нивното официјално соопштение,
По Божествената Литургија, претстојателите отслужија и панихида за покој на душите на постраданите за верата. Во дворот на Патријаршијата се спроведе литија со икони, по што верните беа благословени од православните првоерарси од балконот на Патријаршиската резиденција.
Извор: dogma.gr