Информативната служба на Прашката епархија од Православната Црква во Чешката земја и Словачка објави дека, со благослов на Архиепископот Јоаким Прашки, во периодот од 3 до 10 август годинава на литургиите ќе се принесуваат молитви за мир во Украина.
– Православните Христијани од Чешката земја со болка во срцата ги следат моменталните драматични настани во Украина. Во сите наши цркви веќе неколку недели се молиме за украинскиот народ. Во последните децении многу украински граѓани го најдоа својот нов дом во нашата земја, и голем дел од нив станаа активни членови на нашата Црква – се вели во соопштението.
– Сочувствуваме со нашите браќа и сестри по вера и ја изразуваме нашата најдлабока загриженост за загубата на многуте човечки животи и другите трагични последици зададени од сегашниот конфликт. Украина е земја со илјадолетна христијанска православна култура. Поради тоа, ние продолжуваме да веруваме дека и покрај денешните борби и спорови, она што ќе надвладее е свеста за Христовата заповед на љубовта кон ближните, без разлика на тоа каква е нивната националност или политичко убедување. Христијанските вредности сочувани во православната култура на украинскиот народ ќе надвладеат, и разликите, без разлика колку фундаментални и сериозни да изгледаат, ќе бидат надминати – се заклучува во обраќањето.
Извор: Оддел за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија