Киевскиот митрополит Онуфриј, претстојател на УПЦ-МП, испратил послание до архиереите, јереите и верниот народ на Украинската Црква, преку кое повторно повикал на запирање на воените дејствија во Украина. Во посланието, тој повикал на помирување и взаемно проштевање меѓу завојуваните страни во Украина, посочувајќи го примерот на светите благоверни маченици, принцовите Борис и Глеб, и го предупредил свештенството на Украинската Црква да не повикува на војна и насилство.
– Оваа година го славиме илјадолетието од мачеништвото на светите принцови Борис и Глеб. Зошто ги празнуваме овие светители? На кој начин тие јасно и неспорно ја посведочиле нивната љубов кон Бога и ближниот, како и кон татковината? Одговорот е едноставен: преку нивната желба за одржување на мирот и братската љубов во нивната татковина, па дури и по цена на нивните животи.
По упокојувањето на великиот принц, св. Владимир Рамноапостолен, Киевскиот Рус можел да западне во еден долг и крвав смут. Било потребно светите принцови Борис и Глеб само да посакаат да го остварат своето право да се искачат на престолот, да соберат војска и да започнат да војуваат со нивните браќа. Но, тие избрале поинаков пат: блажениот пат на миротворство и положување на нивните души за да ги спасат животите на другите и да ја спасат нивната татковина – да ја спасат од уништување, неслога, расправии и взаемна омраза.
Денес, нашата земја повоторно се соочува со немири преку вооружените судири во Донецк и Луганск. Исто така, имаме и информативна војна. Пропагандата ги уништува братските односи меѓу луѓето, им штети и на роднинските врски. Каде да го бараме нашето спасение? Како да ги надминеме потешкотиите и расправиите, кога браќата по вера го сеат семето на нетрпеливост и расправии, распалувајќи крвави истрели? Крвта што минатата година се пролеа по нашата земја вика кон Небото.
Единствено Семилостивиот Господ има сила да го избави Својот верен народ од проблеми. „Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ (Пс. 45,1). „Кон Мене обрнете се“, вели Господ, „и ќе бидете спасени“ (Ис. 45,22).
Оставајќи ги зад нас злобата и нетрпеливоста, да погледнеме, да ги чуеме и да ги љубиме нашите ближни. „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда…“ (Ис. 1,16-17).
Во овие тешки времиња, упатувам апел до сите мои браќа секогаш да си припомнуваат за одговорноста пред иднината на нашата Света Црква и нашата татковина, Украина. Мора да направиме сè што можеме за војната да престане и да се воспостави долгоочекуваниот мир во нашата држава. Неприфатлив е било каков повик кон воена агресија и напад од страна на еден свештеник. Немаме никакво право да ја оправдуваме војната користејќи верски слогани. Ги повикувам православните христијани кои денес се наоѓаат на спротивните страни од овој вооружен конфликт да погледнат еден на друг како на браќа и да започнат да чекорат по патот на помирување. Меѓу разбеснетиот пламен на страста во овој свет, Црквата е повикана да биде место каде мирот, милоста, покајанието и проштевањето ќе владеат.
Со страв и болка се згрозуваме пред страдањето на народот Божји. Безочната смрт ги брише сите разлики што постојат меѓу живите. Во гробовите нема ниту левичар, ниту десничар. Денес во гробовите лежат децата на нашата Црква од источна, централна и западна Украина. Ако не прекинеме со војната во нашите срца, таа само ќе се разгорува нанадвор.
Во овие денови Господ ни ја нуди можноста за испитување на нашата вера и верност кон христовото учење. Убеден сум дека единствено преку миротворството и љубовта која проштева ќе може да најдеме сила за брзо закрепнување на нашата татковина, преку застапништвото на Светата Православна Црква.
Ги повикуваме верните чеда на Украинската Православна Црква усрдно да се молат на нашиот Господ Исус Христос, Неговата Сесвета Мајка, на светите принцови и маченици Борис и Глеб, и на сите светители кои засветлиле во нашата земја. Да Го молиме Бога да нè води и да ја зголеми љубовта во нашите срца.
Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите нас!
Извор: УПЦ-МП