Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Сакам да кажам неколку збора за оваа Нова година која навистина е почеток на новото време и новата ера во животот на човештвото.
Живееме во време во кое не само Бог стана човек, влезе во историјата на човештвото, туку и време на Воскресението и славното Вознесение Божјо, на Синот Божји, кога нашата плот човечка, а заедно со неа и сета твар на овој свет беше вознесена до самата срж на Божествената Тајна; а на земјата живееме во време кога Светиот Дух што ѝ беше даруван на Црквата на Педесетница твори во сила, преобразувајќи го светот во она кон што е повикан да биде.
Црквата е местото каде што се случува ова и христијаните се народот кој има познание и опит во Тајната; и секој еден христијанин е човек кому Господ Исус Христос му ги доверува другите луѓе. Ние, христијаните, среде светот кој сè повеќе старее, треба да бидеме откровение за свежеста на животот, свежеста која ден по ден ни се дава во Духот,
Се молевме Бог да ја благослови годината што ни претстои; најголем благослов што можеме да го внесеме во овој свет е тоа ние, христијаните, навистина да станеме Христови ученици и откровение на Божјата љубов. Да влеземе во оваа година свесни за фактот дека уште сега, без разлика колку и да е тоа во зачеток, ние сме наследници на нештата што доаѓаат; дека иднината е веќе дел од сегашноста, и тоа не само по вера, не само по надеж, туку по вистински и реален опит.
И нека Бог ни даде во Неговиот свет да ја донесеме оваа увереност во верата, оваа напната и воздвижена надеж и оваа љубов која е такво изобилие на живот што оној кој ја поседува е подготвен да ја излее, да ја положи за другите да живеат. Тогаш реално и навистина, за сите оние што одат в црква, и сите оние што нè среќаваат во годината, ова ќе биде благословена година.
Во молитвите да си спомнуваме за оние кои носат товар поголем од нашиот, тежеста и Крстот на годината: нашиот Патријарх, епископите, свештениците, монасите, верниците од Руската Црква и сите гонети и угнетени христијани.
Да се помолиме за нив, но и смирено да Го помолиме Бога да ги услиша нивните молитви за нас, за и ние да се удостоиме во нашиот повик заедно со нив.
Да имаме вера во оние кои ја борат добрата борба во услови кои ги надминуваат нашите сили.
Да си спомнеме, исто така, и за оние кои се претставија од животот, и чиј живот навистина е и наш; за оние чија вера ни ја даде нашата вера; за оние чиј опит во Бога живее во Црквата, оние чија верност ја изгради Божјата заедница. Да се сетиме за нив. Бог нека им дарува мир, покој и радост. И сите да живееме така што, на денот на Судот нашиот живот ќе се појави како плодно поле на кое сме го посеале словото на вистината, примерот на вистинскиот и достоен живот; поле од кое ќе се жнее слава и благодарност.
Да си спомнеме за оние кои живеат, да запееме На многаја лета и да завршиме објавувајќи го Вечниот спомен за оние кои го напуштија овој живот, а се живи во нашите срца. Амин.