Ново чудо на св. старец Паисиј Светогорец

"Ново чудо на св. старец Паисиј Светогорец"

Грчкиот црковно-информативен портал Romfea објави уште едно сведоштво за чудо извршено од преп. старец Паисиј Светогорец. Овој пат сведоштвото доаѓа од таткото на едно момче кое на чудесен начин преживеало тешка сообраќајна несреќа без ниту една сериозна повреда.

На 7 септември 2013 година моќниот моторцикл со голема брзина се движел по стариот пат Атина – Патра, во близина на Ксилокастро. И околу 22 часот, кога темнина ги покрила планините, еден стар автомобил удрел во моторциклот со сета сила. Младиот моторциклис, Танасис, излетал 10 метри од патот. Делови од моторциклот се разлетале по патот, отежнувајќи го одвивањето на сообраќајот. За среќа, моторциклистот бил пронајден само 5 минути подоцна, и тоа од неговите родители. Неговото тело било неподвижно и во критична состојба; имало крв насекаде, а дишењето на момчето било сѐ послабо.

Исплашените родители повикале итна помош, а таткото на момчето, г. Вангелис Кондонацис се обидувал да најде знаци на живот кај својот син. Сепак, во коринтската болница лекарите ги смириле родителите: на чудесен начин, и покрај силните удари на телото, нивниот син немал ниту скршеница! За 10 дена младиот Танасис бил отпушен на домашно лекување.

Следниот ден после чудесното избавување на неговиот син, Вангелис во сон го видел св. старец Паисиј: „Го видов светиот старец над телото на син ми и лесно го препознав. Како да сонував, но сѐ ми изгледаше како да не е сон. Старецот се сврти кон мене и ме прекори со прстот. Важно е да споменам дека речиси ништо не знаев за него, ниту за неговиот живот“, раскажал таткото. „Танасис мошне силно удрел во асфалтот. Кога се вративме на местото на несреќата, моторциклот беше искршен на илјада делови; зачудени сме што нашиот син воопшто преживеа. Лекарите се збунети. Ова е чудо кое се случи по молитвите на свети Паисиј!“.

Извор: Православие.ру