Тихон, Митрополит Американски и Канадски: Градење на мир е единствен одговор на насилството

"Тихон, Митрополит Американски и Канадски: Градење на мир е единствен одговор на насилството"

Неговото Блаженство, Архиепископот Вашингтонски и Митрополит Американски и Канадски, г.г. Тихон, кон верниците на Православната Црква во Америка испрати пастирско послание во врска со насилството и екстремизмот на Блискиот Исток.

Во него, тој ги пренесува информациите кои секојдневно ги јавуваат меѓународните новински агенции, како и острата реакција на Антиохиската Патријаршија, и изразува поддршка, како за црковната јерархија, така и за многубројниот страдален народ на Блискиот Исток. Осврнувајќи се на чувството на беспомошност со кое се соочуваат многумина православни Американци, тој ги упатува следните зборови:

– Ние, кои живееме во Северна Америка, можеби чувствуваме едно чувство на беспомошност гледајќи и слушајќи за овие трагедии. Ние треба да ги запомниме зборовите на св. Јован Касијан, кој вели дека целта за напредување во мирот не се постигнува преку туѓите одлуки, кои засекогаш се надвор од наша контрола, туку попрво во нашиот однос кон нив. Дали ќе се ослободиме од гневот не зависи од совршенството на другите, туку зависи од нашата добродетел, со која се стекнуваме преку нашата трпеливост, а не од смирението на другите.

Св. Јован ни посочува еден основен духовен принцип: дека вистинската промена започнува единствено кога гледаме на нашите срца. Наместо да се чувствуваме беспомошно соочени со светските трагедии, ние треба да си спомнеме за нашето единство со целото човештво, и да одговориме со молитва за оние што страдаат и упокоените. Дополнително, исто како што подвижничката борба на големите светители, во нивно време и место, имале глобален ефект, така и нашиот подвиг, со нашите напори за очистување на нашите срца ќе има ефект врз остатокот на светот.

Оттука, конкретен и практичен начин на кој ние, во Северна Америка, можеме да одговориме на насилството на Блискиот Исток е да се предадеме себеси на градење на мир во нашите семејства и заедници. Кога светиот апостол Јаков прашува: „Од каде се војните и расправиите меѓу вас?“, тој веднаш одговара, нудејќи ни созерцание: „Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши?“ (Јаков 4,1).

Ако сме навистина загрижени од борбите во светот денес, да започнеме со надминување на гневот во нашите срца, и подвизување во кротоста и смирението. Ако сме вознемирени поради насилството и деструктивноста на Блискиот Исток, нашите енергии да ги насочиме кон смирување на конфликтите во нашите семејства. Ако сме ужаснати од сликите на луѓе кои се повредуваат и убиваат меѓусебно, да станеме икони Христови, помагајќи им на нашите ближни кои имаат некаква потреба – се вели во посланието на Неговото Блаженство.

Во посланието, Вашингтонскиот Архиепископ повикува на мир и во појасот Газа, каде, според него, животите ги губат мноштво Евреи и уште поголем број Палестинци.

Извор: Православна Црква во Америка