Папата Франциск го завршил тридневното патување (28-30 ноември 2014г.) во Турција на покана на турската Влада и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, насловено како „апостолско“. Првиот ден папата ја посетил турската престолнина Анкара во која остварил средба со турскиот претседател г. Реџеп Тајип Ердоган, откако претходно го посетил мавзолејот во кој се положени посмртните останки на таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, и се помолил за добросостојба во Турција. На средбата со г. Ердоган, која се одвивала зад затворени врати и траела еден час, било разгледано учеството и помошта што Турција ја овозможува на расселеното христијанско население од Блискиот Исток, но и односите со Ерменија и ерменските христијани.
Потоа папата се сретнал со претседателот на турското владино тело за верски прашања, професорот г. Мехмед Гормез, со кого заедно истакнале дека „верските водачи се обврзани да осудат секакво верско насилство.“
Следниот ден папата допатувал во Истанбул каде што најпрво ја посетил црквата-музеј Света Софија. Потоа, заедно со главниот муфтија на Истанбул, г. Рахми Јаран, и уште двајца имами, се упатиле во џамијата Султан Ахмед (попозната како Сината џамија) каде заедно ги разгледале можностите за поотворен дијалог меѓу Христијанството и Исламот. Новинарите го пренесуваат дијалогот меѓу римскиот папа и истанбулскиот муфтија. Имено, папата му се обратил на муфтијата со зборовите: „Не само што мораме на Бога да Му воздаваме чест и слава, туку мораме и да Го обожуваме.“ Неколку моменти подоцна, стоејќи пред михработ во џамијата, муфтијата го запрашал папата: „Бог е Бог на правдата и милоста. Дали се согласуваме околу ова?“, на што папата одговорил: „Секако.“
Веднаш потоа папата се упатил во римо-католичкиот храм на Светиот Дух во Истанбул, каде отслужил миса и ги повикал верниците „да излезат од нивната комфортна зона, и да се препуштат на Светиот Дух да ги води во животот.“ Според понтифот, човек не може и не смее да Му наметнува правила на Бога и да очекува униформираност како предуслов за единствно и вистинско сведочење на Христа. На мисата бил присутен и Патријархот Вартоломеј, што се смета за историски исчекор, како и претставници од Сирио-јаковитската и неколку протестантски заедници.
По отслужената миса, папата бил торжествено дочекан во патријаршиската црква на св. Георгиј во Фанар, и присуствувал најпрво на доксологија, на која заедно со Патријархот Вартоломеј ги благословиле собраните верници и заедно се помолиле со Господовата молитва на латински јазик, а потоа и на празничната Вечерна во чест на престолниот празник на св. Андреј првоповикан. Патријархот не ја криел неговата радост од посетата на „возљубениот брат во Господа“, заблагодарувајќи му за „насочувањето на неговите чекори од Стариот кон Новиот Рим“, како и за пренесувањето на светите мошти на св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст од Рим во Истанбул, што се случило пред 10 години.
Во кратката беседа што ја одржал, гостинот од Ватикан се повикал на пророштвата на св. пророк Захарија, и изјавил дека нивната средба била уште едно исполнување на неговите пророштва: „Андреј и Петар го слушнале ветувањето на пророкот, и го примиле тој дар. Иако браќа по тело, нивната средба со Христа ги преобразила во браќа по вера и љубов. Каква е оваа милост, Ваша Светост, да бидеме браќа во надежта на Воскреснатиот Господ.“ Откако се обратил пред присутниот народ, папата побарал Патријархот да ги благослови него и „Римската Црква“, по што се поклонил пред „првиот меѓу еднаквите.“
Утредента, во неделата рано наутро римскиот папа се сретнал со главниот рабин на Турција, г. Ишак Халева, за веднаш потоа да присуствува на Архиерејската Литургија на денот на престолниот празник на св. апостол Андреј првоповикан во Фанар. Папата бил пречекан од Пергамскиот Митрополит Јован, кој го вовел во почесниот гостински престол во патријаршиската црква. На Литургијата, папата и Патријархот го размениле целивот на мирот и понтифот ја кажал Господовата молитва на латински јазик.
Во беседата изговорена од страна на Патријархот, тој ја изразил неговата радост поради можноста за повторна средба со папата. Потсетувајќи се на нивната претходна средба во Ерусалим, не заборавил да се сети и на нивните „вдахновени претходници“, папата Павле VI и Патријархот Атинагора: „Се отвори за нас патот кон Емаус – пат што, иако понекогаш ни се чини предолг или трнлив, сепак е неповратен – а со нас е Господ како придружник, додека не ни се открие ‘во прекршувањето на Лебот’“ (Лк. 24,35). Обраќајќи се на почесниот гостин, Неговата Сесветост истакнал:
– Вашата досегашна служба на кормилото од Вашата Црква веќе Ве покажа, во свеста на денешните луѓе, како гласник на љубовта, мирот и помирувањето. Проповедате со зборови, но над и пред сè со едноставноста, смирението и љубовта кон секој еден човек. Влевате доверба во оние кои се сомневаат, надеж во оние што очајуваат, исчекување во оние што очекуваат Црквата да ги негува сите луѓе… Единството што нè засега за жал, веќе се остварува во одредени области од светот преку крвта маченичка. Заедно да ги пружиме нашите раце кон нашите современици; заедно да ја испружиме раката на Оној Кој единствен може да го спаси човештвото преку Неговиот Крст и Воскресение.“
Со слово се обратил и папата Франциск, кој потенцирал:
– Верувам дека е важно да потврдиме дека го почитуваме овој принцип како основен услов, прифатен од двете страни, за воспоставување на целосно општење, што не значи потчинување еден на друг, ниту асимилирање. Попрво, тоа значи прифаќање на сите дарови што Бог ги дал секому, и оттука покажување пред светот на великата тајна на спасението постигнато од Христа Господа преку Светиот Дух. Ве убедувам, сите овде присутни, дека, за да ја постигне посакуваната цел за потполно единство, Католичката Црква не планира да наметнува никакви услови освен заедничко исповедање на верата. Чекор повеќе, би додал дека сме подготвени, во духот на библиското учење и опитот од првото илјадолетие, заедно да трагаме по начините кои би ни го овозможиле потребното единство во Црквата во денешни околности. Едно нешто Католичката Црква посакува, и јас, како Епископ на Рим, на „Црквата која претседава во љубовта“, а тоа е заедница со Православните Цркви. Таквата заедница секогаш ќе биде плод љубовта „која е излеана врз нашите срца преку Светиот Дух Кој нам ни се дава“, братска љубов која ја пројавува духовната и онострана врска што нас, како Господови ученици, нè обединува.“
По Литургијата, папата и Патријархот потпишале Заедничка декларација во врска со знаењето на единството меѓу Христијаните и влијанието што ова единство би го имало врз Христијаните на Блискиот Исток, како и за дијалогот со Исламот и Украинската криза.
После потпишувањето на Задничката декларација со Патријархот Вартоломеј, а пред да се врати во Рим, папата го посетил Ерменскиот Константинополски Патријарх Месроб во ерменската болница во Истанбул.
Извор: news.va, patriarchate.org