Поглаварите решија: Сеправославен собор ќе се одржи во 2016 година

"Поглаварите решија: Сеправославен собор ќе се одржи во 2016 година"

Според непотврдени информации од Фанар, поглаварите на Помесните православни цркви се договориле подготовките кои траат повеќе од 50 години да вродат со плод, и во 2016г., во свештениот храм на света Ирина во Цариград, да се свика Сеправославен собор. Во истиот храм пред повеќе од 1600 години се одржал Вториот вселенски собор на кој бил утврден Никео-Цариградскиот символ на верата. Денес храмот е музеј и е дел од музејскиот комплекс „Топ капи“, а во историјата ниту еднаш не бил користен како џамија.

По дводневната дискусија, поглаварите донеле одлука секоја Помесна црква да биде претставена со 20 архиереи (иако биле дадени предлози црквите да бидат застапени со 13 архиереи), спротивно на залагањата на Московската Патријаршија да биде присутен целиот епископат на Црквата Христова. Секоја Помесна црква ќе има еден глас, а решенијата на Соборот ќе се носат консензуално, принцип спротивен на оној што го предложи Константинополската Патријаршија, а го поддржаа гркофоните цркви – носење на одлуки со мнозинство гласови.

Попладнево во Фанар заседава специјална комисија за подготовка на заклучен документ од средбата на претстојателите, а делегациите присуствуваaт на читањето акатист кон Пресвета Богородица во црквата на светите Архангели крај Босфорот.

Извор: dogma.gr, dveri.bg, romfea.gr