Во Канада во тек е уште еден напад врз слободата на лекарите, овој пат во провинцијата Онтарио. Советот на лекари и хирурзи на Онтарио го разгледува Документот за човекови права. Под притисок на јавноста, можно е укинување на можноста лекар да одбие да изврши процедура или да препише терапија која се коси со неговите етички или верски убедувања.
На јавната анкета поставена на веб страната на Советот, од 9000 одговори на прашањето „Дали сметате дека треба да му се дозволи на еден лекар да одбие да изврши медицинска процедура или да препише терапија и средства доколку истото се коси со неговите етички или верски убедувања“, дури 67% се негативни. Атмосферата ја вжешти случајот на Кејт Десжардин, 25-годишна Канаѓанка од Отава, на која лекар одбил да ѝ препише контрацептивна терапија. Лекарот за кого станува збор, Едмонкд Кирилос, е римо-католички верник кој на своите идни пациенти им доставува писмо во кое, меѓу другото, стои напишано: „Поради мојата медицинска проценка, како и професионална етика и верски убедувања, препорачувам само еден облик на контрацепција, а тоа е природното планирање на семејство“. Проблемот со г-цата Десжардин, според нејзиното отворено писмо, бил срамот што таа го почувствувала поради одбивањето на контрацептивна терапија.
Според одредбите на канадското законодавство, пациентот не е ограничен на овие лекари, и во секој момент може да пристапи до било која јавна клиника, и ќе му биде препишана терапијата која му е потребна, или ќе биде извршена процедурата која тој ја побарува. На сличен начин, жените чии гинеколози одбиваат да извршат абортус, имаат пристап до медицински процедури од овој тип, кај други лекари.
Традиционалните медиуми во земјата предупредуваат дека се случува „лов на вештерки“, при што некои групи на влијание се обидуваат да ги истуркаат христијанските вредности надвор од општеството. Слободата на вероисповед, загарантирана во канадскиот Документ за права и слободи (дел од Уставот), од некои либерални кругови се толкува како слобода да се верува во било што, но не и да се делува според тоа верување.
За среќа, според Уставот на земјата, „Суштина на концептот за слобода на вероисповед е правото да се прими верата, онака како што личноста одлучила, правото јавно да се искаже верското убедување без страв од попречување и гонење, и правото да се манифестира верското убедување преку богослужење и на дело, или преку поучување и проповед“.
Канада има долга историја на толеранција на различните верски обичаи и разлики, како што е примерот со Сикхи-членовите на Канадската кралска коњица, кои имаат право да носат турбан на нивните работни места.
Извор: Правмир