Омилија на денот на Обрезанието Господово и споменот на св. Василиј Велики

"Омилија на денот на Обрезанието Господово и споменот на св. Василиј Велики"

Господарот на сите се обрезува, за да ги обрезе гревовите човечки, зашто е добар. Ова е значењето на денешниот црковен празник. Обрезанието било воспоставено од Бога и заповедано преку Авраама на избраниот народ, Израилот. Тоа било знак на стапување во Сојуз со Бога, печат на ветувањето дека секогаш ќе Му се биде послушен, од детството, ќе Му се биде верен до крв. Било правено иконизирајќи го отсекувањето на плотските страсти, како обрезување на бесчувственоста на самото срце, [страст] што се покажала како погубна за Израилот, честопати терајќи го да отпадне од Бога.

И така, нашиот Господ, иако безгрешен, претрпе обрезание за да ги поучи оние на чии срца им беше потребно обрезување, очистување од мноштвото гревови и покорување пред Божјата волја; Законосоздателот Законот го исполнува, за да покаже, преку пример, дека никој не може да се приближи до Бога без Законот Господов. Кога Христос – Вистината се појави, сенките и сликите исчезнаа, а со нив и обрезанието. Сенките ги снема, а она што тие го навестуваа, секако, остана, зашто Господ не дојде да го укине Неговиот Закон, туку да го исполни (сп. Мт. 5, 17). Дури и сега, преку светото Крштение, исто како и преку обрезанието [порано], се одрекуваме од Сатаната и сите негови дела, и се соединуваме со Христа, односно – влегуваме во блиска, вечна заедница со Него, што се симболизира преку трикратен вход околу кршталниот купел на денот на Крштението. Тогаш (во Стариот Завет) плотта била обрезувана како печат на заветот, а сега треба од телото да ја соблечеме грешната плот, односно, секој грев што сме го носеле и на кого сме се навикнале, како износена облека…

Обрезание Господово

Зарем е можно Христовите маченици да го запечатат ова ветување на верност кон Христа со крв, а ние да го наследиме правото да торжествуваме на празникот со житејски задоволства? Ние, за кои крвта Христова и маченичка се пролеа? Зарем не треба и ние да бидеме маченици, ако не преку крв, тогаш преку волја, како св. Василиј, кој ги сметал прогоните, затворот, губењето на имотот (ако се согласиме дека го имал), мачењето и самата смрт за ништо? Треба да покажеме доследност во нашата свест, и да бидеме подготвени да пострадаме дури и до смрт, за како св. Василиј да го сочуваме достоинството на нашата душа непоробено; односно, нашиот христијански повик да го сочуваме непоробен од страстите на овој свет, и да не отпаднеме од Христа под никаков притисок од непријателот на нашата душа, онака како што бесрамните предавници за време на војна, при најмала опасност се предаваат на непријателите свои. Конечно, обрезанието на срцето што во Стариот Завет било пропратено со пролевање на крв, не се состои само од исповедање и усно набројување или кратко запишување на нашите гревови (и кинење на хартијата потоа), туку попрво, раскинување на самото наше срце (сп. Јоил 2, 13) во покајание, и пролевање на солзи, ако не и крв, пред нашите постојани отпаѓања од Христа, Кој нè искупи со Неговата крв.

Да внимаваме, браќа, и при славењето на Божјото раѓање во тело нашата посветеност на Христа да ја надмине посветеноста на народот јудејски, која се состоела во надворешни дела и зборови на книжниците и фарисеите (макар што нашата праведност е далеку од праведноста фарисејска), зашто ако нашата посветеност не ја надмине нивната, и ако не го обреземе нашето срце од страстите, тогаш нема да можеме да влеземе во Царството Небесно (Мт. 5, 20).

Новосвештеномаченик Тадеј Тверски