ОНЦО на МП: Христијанскиот свет е сè поподелен

"ОНЦО на МП: Христијанскиот свет е сè поподелен"

Изјава на Информативината служба на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија по повод одлуката на црквата во Шкотска за допуштање на ракополагање на луѓе кои живеат во хомосексуални партнерства и одлуката на Обединетата француска протестантска црква за допуштање на благословување на т.н. истополови заедници:

„На 16 мај 2015 г. Генералното собрание на црквата во Шкотска дозволи ракополагање на претставници од сексуалните малцинства кои отворено живеат во граѓански партнерства, а на 21 мај беше изгласана дозвола за продолжување на изучувањето на оваа проблематика со цел нејзино проширување. На 17 мај Синодот на Обединетата француска протестантска црква допушти благословување на т.н. еднополови заедници. Руската православна црква е длабоко разочарана од ваквите одлуки кои противречат на нормите на христијанскиот морал. Со длабока тага изјавуваме дека денес имаме нови поделби во христијанскиот свет засновани не само врз основа на богословски проблеми, туку и на морални проблеми.

Имајќи цврста позиција заснована на Светото Писмо, Руската православна црква одново изјавува дека споменатите новововедени учења се недопустливи од аспект на моралното учење и оттука е принудена да го разгледа форматот на нејзините односи со црквите и заедниците кои ги погазуваат принципите на традиционалниот христијански морал. Во 2003 година Руската православна црква ги прекина односите со Епископалната црква во САД затоа што оваа црква ракоположи за епископ јавно деклариран хомосексуалец. Слични причини доведоа до заладување на односите со црквата на Шведска во 2005 година, кога таа одлучи да ги благослови истополовите партнерства.

Во последните години внимателно ги набљудувавме дебатите во црквите во Шкотска и Франција. Во 2013 г. Волоколамскиот митрополит г. Иларион, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија, испрати писмо до раководството на Генералното собрание на црквата во Шкотска во кое ја изрази неговата загриженост и разочарување поради допуштањето на ракополагање на декларирани хомосексуалци, но и надежта дека ова прашање во иднина ќе биде разгледувано низ призмата на апостолското предание. За жал, овие надежи не го добија своето оправдување и предупредувачките зборови не беа услишани.

Водени од резолуциите на Архиерејскиот собор од 2008 година во кои се вели дека ‘иднината на односите со многуте протестантски заедници е условена од нивната верност на евангелските норми и апостолскиот морал сочуван од христијаните низ вековите’, и од Архиерејскиот собор од 2013 во кои се вели ‘невозможен е дијалог со конфесии кои отворено ги погазуваат библиските морални норми’, Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија не гледа перспектива за одржување на официјални контакти со црквата во Шкотска и Обединетата протестантска црква во Франција.“

Извор: Московска Патријаршија