Незадоволни играчи на играта Grand Theft Auto V (GTA V) се одлучиле да започнат петиција со која се бара повлекување на Библијата од продажба во Австралија, како резултат на одлуката на некои продавници истото да го направат со нивната омилена игра. За само три дена, онлајн-петицијата ја потпишале педесет илјади граѓани на Австралија (до моментов, нивниот број е помал од 70 000). Според гневните зависници од оваа игра, причината што се наведува од продавниците кои ја повлекле играта од продажба, би требало да резултира со повлекување и на Библијата.
– Библијата е книга која ги охрабрува мажите да убиваат жени за забава. Во неа, исто така, се наложува силување на жени, нивно тепање и убивање, исто како и во играта што ја играме ние. Само што, продавниците ја отстранија нашата игра, а Библијата стои на нивните полици – се вели во нивната петиција, во која се наведуваат цитати од Стариот Завет.
Според порталот CNet, официјалната причина поради која играта е повлечена е дека сопствениците сметале дека во играта се промовира мачистички поглед на светот, а самите правила наложуваат играчите да силуваат и убиваат жени за да добијат „поени за виталност“. Поддржувачите на играта се жалат дека се обесправени и бараат – или истиот образец да се користи за сите „производи“, или играта да биде вратена во продажба.